Ако банкоматот ви ги „проголта“ парите – банката не брза да ви ги врати

Уплатата преку банкомат се нуди како алтернатива на банкарските шалтери, но при дефект се претвора во долга процедура. Парите не се враќаат веднаш, туку по сложена и бавна постапка.

Уплатата на готовина преку банкомат, услуга што банките ја промовираат како брза и практична алтернатива на шалтерите, во одредени ситуации се претвора во пекол за граѓаните.

Наместо парите веднаш да легнат на трансакциската сметка, корисниците можат да останат без пристап до сопствените средства, без јасен рок кога тие ќе им бидат вратени.

„Чекај до петок“

Со таков проблем се соочила 32-годишната Симона од Скопје, која поради метежот на шалтерите во филијала на НЛБ – Тутунска банка, била насочена да изврши уплата преку банкоматот поставен во истиот објект. Таа депонирала 70.000 денари, со намера веднаш потоа да купи авионска карта, но трансакцијата била прекината откако уредот се исклучил среде операција.

Ставаш пари во банкомат – и остануваш без нив. Системот едноставно откажа. Одговорот што го добив беше: „Чекај до петок да дојде екипа за да го испразни банкоматот“. Им кажав дека парите треба итно да бидат префрлени на мојата сметка за да можам да купам авионска карта, но оттаму ми рекоа дека не постои брзо решение. Значи, кога јас ѝ должам на банката, тогаш течат рокови, камати, опомени, нема милост. А кога банката прави грешка, тогаш јас треба да чекам неколку денови за свои пари? – изјави Симона.

Според нејзините тврдења, од банката ѝ било објаснето дека постапката за вакви случаи подразбира физичко отворање на банкоматот од специјализирана служба, по што следува броење на готовината и споредување со евиденцијата на трансакциите.

Побаравме да разговараме и со претпоставените на банката. Нѐ примија на состанок, но и таму ја слушнавме истата приказна. Потоа, откако ги активиравме сите можни познанства со вработени во банката, некако успеавме уште следниот ден да ги добиеме парите. Но, тогаш цената на авионската карта веќе беше многу повисока од претходниот ден – објаснува нашата соговорничка.

Заштита од измами

Од НЛБ – Тутунска банка за „Слободен печат“ се правдаат дека постапката за враќање на заглавените пари во банкоматот може да потрае околу три дена поради постапката што мора да се спроведе заради заштита од евентуални погрешни пријави и обиди за измама.

При уплата на готовина на банкомат, во редок број случаи, поради технички причини може да се случи средствата да не бидат веднаш евидентирани и расположливи на платежната сметка на клиентот. Ваквите ситуации клиентите можат да ги пријават во која било експозитура, по што веднаш следува реакција. Доколку пријавата е примена во работно време, надлежните служби прават проверка на дигиталните записи од банкоматот, па доколку биде потврдено наведеното во пријавата, парите веднаш и без одлагање се ставаат на располагање на клиентот. Во случај кога е потребна дополнителна верификација, мора да се спроведе и физичка проверка на банкоматот, која вклучува пребројување на готовината и усогласување на состојбата на уредот со сметководствените податоци. Доколку пријавата се потврди, средствата веднаш и без одлагање се ставаат на располагање на сметката на клиентот. Оваа постапка мора да се спроведе заради заштита од евентуални погрешни пријави и/или обиди за измама – објаснуваат од НЛБ – Тутунска банка.

Просечното време за обработка и одговор на ваквите пријави, додаваат оттаму, изнесува околу три календарски дена, при што банката настојува секој поединечен случај да биде решен во најкус можен рок.

„Чекав 10 дена за свои пари“

Слични искуства споделуваат и други граѓани со други банки. Буба од Скопје вели дека и таа се соочила со идентична ситуација, но на банкомат на Шпаркасе.

Ми рекоа дека ќе добијам порака кога ќе ми ги вратат парите, но не знаеја кога точно. На крајот чекав околу десет дена – вели Буба и додава дека при пријавата во централата ѝ било посочено дека истиот банкомат и претходно имал проблеми со функционирањето.

Слободен печат“ побара објаснување и од Шпаркасе, а оттаму признаваат дека успешноста на трансакциите преку банкоматите е околу 98 отсто, додека стапката на неуспешни трансакции најчесто се движи меѓу 1 и 2 отсто.

Сите уреди со кои располагаме се тестирани и одобрени од Народната банка, со цел да се обезбеди нивна сигурност и функционалност. Процентот на неуспешни уплати во просек изнесува 1,4% од вкупниот број трансакции. Постојано ги следиме сите трансакции и реагираме веднаш по детекција на проблем, без оглед на тоа дали клиентот поднел барање. Затоа во такви случаи банкнотите не можат веднаш да се стават на располагање на клиентот, туку подложат на дополнителна проверка. Просечниот рок за враќање на средствата во вакви случаи изнесува еден работен ден, но сепак, важно е да се разбере дека точниот рок може да варира во зависност од специфичноста на случајот – објаснуваат од Шпаркасе.

Побарајте обесштетување

Александар од Тетово посочува дека во неговиот случај враќањето на средствата траело значително подолго.

Парите ми се заглавени веќе два месеца и сѐ уште никој не знае кога ќе ми ги вратат – вели тој.

Според банкарската практика, ваквите ситуации се третираат како „спорни трансакции“, при што средствата не можат автоматски да му се вратат на клиентот сè додека не се утврди точната состојба во уредот.

Од Халкбанк за „Слободен печат“ велат дека просечниот рок во кој банката ги враќа средствата е 24 часа во работни денови, а клиентите имаат право да поднесат барање за обесштетување.

– Просечниот рок во кој банката ги враќа средствата е 24 часа во работни денови. Доколку е во работни часови, се постапува веднаш. Клиентите имаат право да поднесат барање за обесштетување. Секое барање се разгледува поединечно и се оценува дали постои основ за надоместок во согласност со важечките договорни услови и интерни политики. Со цел да се минимизираат ваквите ситуации што навистина не се чести, банката континуирано презема мерки какви што се: унапредување на техничките системи, редовно одржување и сервисирање на банкоматите, оптимизација на процесите за побрза обработка на пријави и подобрување на комуникацијата со клиентите – велат од Халкбанк.

Квалитетот на банкнотите е лош

Од Комерцијална банка, пак, за „Слободен печат“ објаснуваат дека постапките поврзани со ваков тип настани најчесто се решаваат во рок од 1 до 5 работни дена.

Банката постапува по приговорите на клиентите во законски утврдени рокови. Одговор на приговор се доставува во рок до 15 работни дена од денот на поднесување, а во исклучителни случаи овој рок може да се продолжи до 35 дена, за што клиентот навремено се информира. Постапките поврзани со ваков тип настан најчесто се решаваат во рок од еден до пет работни дена. Најчеста причина банкоматот да задржи уплатена готовина е квалитетот на банкнотите, односно може да ја задржи банкнотата доколку сензорите утврдат дека таа е оштетена, валкана, свиткана или неисправна. Ова се врши во согласност со законските обврски за безбедна обработка на платежни трансакции и спречување прием на невалидни или сомнителни банкноти. Непосредна интервенција на банкомат веднаш по пријава за задржани банкноти не е можна поради утврдени безбедносни и оперативни процедури – објаснуваат од Комерцијална банка.

Времето потребно за интервенција зависи и од географската локација на конкретниот банкомат, додаваат оттаму.

Доколку се утврди дека постои пропуст или неисполнување на законските обврски, клиентот има право на надоместок на евентуално настаната штета, во согласност со важечката регулатива. Комерцијална банка континуирано презема активности за унапредување на системите за следење и рана детекција на неправилности, зајакнување на дигиталните канали кои овозможуваат клиентите веднаш да поднесат приговор. Сите овие мерки се насочени кон превентивно делување и обезбедување поквалитетна и побезбедна услуга за клиентите – ни изјавија од Комерцијална банка.

Расте бројот на измами за резервации преку „Букинг“

Снемува стоденарки во оптек, Народната банка распишала тендер за нови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот