unsplash

Ајкула уби 13-годишно момче на популарна плажа во Бразил

Тринаесетгодишно момче почина откако беше нападнато од ајкула на плажа на источниот брег на Бразил. Дејвсон Роча Дантас си играл со пријателите во плиткото на плажата Чифре во туристичката сојузна држава Пернамбуко, кога ајкулата го нападнала од зад грб, пишува CBS-News.

Обидите за спасување биле залудни

Ајкулата го каснала момчето за десното бедро, по што еден од сведоците го извлекол од водата и се обидел да го реанимира.

По нападот, итно бил пренесен во болница, но повредите биле премногу тешки, соопшти Државниот одбор за следење на инциденти со ајкули (CEMIT).

Лекарот Леви Далтон, кој го примил момчето, изјави дека во болницата пристигнало без знаци на живот.

„Целиот наш тим беше во приправност. Ги презедовме сите мерки за одржување на животот, но, за жал, не успеавме да го реанимираме“, изјави Далтон.

Ова е голема трагедија. Во име на болничкиот тим изразувам сочувство до неговото семејство и пријатели, но, за жал, не можевме многу да сториме, додаде тој.

Лекарот појасни дека момчето изгубило голема количина крв бидејќи станувало збор за каснување во подрачје со големи артерии.

Ќе се засили надзорот

Властите наведуваат дека на десетици плажи долж брегот на Пернамбуко се поставени предупредувања за ајкули, а само на плажата Чифре имало четири такви знаци.

Во целиот град се поставени вкупно 13 знаци кои предупредуваат дека подрачјето е подложно на напади од ајкули.

И покрај тоа, CEMIT најави дека по смртта на момчето ќе го засили надзорот и повторно ќе ја активира прекинатата програма за следење на ајкулите со помош на микрочипови.

Од 1992 година во Пернамбуко се забележани повеќе од 80 напади од ајкули, од кои 26 биле смртоносни, не сметајќи го последниот случај, соопшти CEMIT.

Неодамнешен напад врз туристка

Оваа трагедија се случила само неколку недели откако ајкула тешко повредила туристка која нуркала во Бразил. Тајане Далазан пливала со двајца пријатели и туристички водич во архипелагот Фернандо де Нороња, кога ајкулата ја каснала за ногата.

По нападот, Далазан раскажала дека веднаш сфатила што се случува.

„Знаев дека ме касна. Почувствував како ми ја тресе ногата. Водичот мораше да ја удри за да ме пушти“, изјавила таа.

Откако ја извлекле од водата, ѝ помогнале водичот и рибари од блиските бродови, а прва помош ѝ укажала пријателка дерматолог, која ѝ ја исчистила раната.

Оваа 36-годишна жена била пренесена во болница, каде што по укажаната терапија била пуштена на домашно лекување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот