Агенцијата без директор, вработените без плата
Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер остана без раководство и без потписник, бидејќи конкурсот за нов директор е поништен. Поради ова, не се носат одлуките, а е доведено во прашање и секојдневното работење на Агенцијата.
Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер повеќе од еден месец функционира без директор, откако на 25 декември минатата година истече мандатот на поранешната раководителка Пламенка Бојчева. Во меѓувреме, институцијата се соочи со застој во работењето, а причината за дополнителната неизвесност беше и поништувањето на првично распишаниот конкурс за избор на нов директор.
Препорачано
Од Собранието за „Слободен печат“ појаснуваат дека конкурсот бил поништен поради недоволен број пријавени кандидати. Според информациите од собраниската служба, се пријавиле само две лица. Едниот кандидат не ги исполнувал законските услови, па поради тоа не можела да продолжи постапката за избор.
– Во меѓувреме, конкурсот повторно е потпишан од претседателот на Собранието, Африм Гаши, и во наредните денови се очекува да биде објавен нов оглас за избор на директор – информираат собраниските служби.
Претседателот на Комисијата за избори и именувања и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, кој ја води постапката, не беше достапен за коментар во врска со поништувањето на првичниот конкурс.
За разлика од него, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и член на Комисијата за избори и именувања, Никола Мицевски, за „Слободен печат“ изјави дека не бил запознаен со конкретната причина за поништувањето, но посочи дека е уверен оти не станува збор за политичка одлука.
– На последната координативна средба го отворивме ова прашање и сметам дека набргу ќе биде најдено решение. Наскоро ќе биде распишан нов конкурс за избор на директор – изјави Мицевски.
Додека трае постапката, Агенцијата останува без формално назначено раководство. На веб-страницата на институцијата има известување дека „во моментов Агенцијата нема директор“.
Поранешната директорка Бојчева за „Слободен печат“ изјави дека еден ден пред истекот на нејзиниот мандат донела решенија со кои дел од вработените биле овластени да ги извршуваат неопходните административни и финансиски работи до изборот на нов директор, но дека овие овластувања не биле прифатени од дел од колегите.
Според неа, поради тоа се појавиле проблеми со потпишување решенија, исплата на плати и други тековни обврски, што довело до застој во работењето.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во меѓувреме ги повика пратениците итно да именуваат директор и заменик-директор, оценувајќи дека станува збор за институција од клучно значење за заштита на уставно загарантираното право на граѓаните на пристап до информации од јавен карактер.
Со повторното потпишување на конкурсот, Собранието најавува нов обид за избор на раководство. Дотогаш институцијата ќе продолжи да функционира во ограничени услови, во очекување на избор на нов директор.


