АБА2 лига: Рогашка пресилна за македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром

„Металците“ имаа одличен старт, но потоа како да застанаа на мечот со словенечката Рогашка во Златибор/Фото: ABA League 2/Dragana Stjepanovic

Во второто коло од првиот „балон“ оваа сезона во АБА2 лигата составот на МЗТ Скопје Аеродром загуби од Рогашка со резултат 78:60.

Ваков убедлив пораз не се најавуваше барем на стартот во првата четвртина кога играчите на тренерот Дарко Радуловиќ започнаа со одлични 10:0. И кога се помисли дека можеби „металците“ ќе имаат уште еден блескав настап во регионалното натпреварување, тоа не се случи бидејќи следуваше серија на Словенците, односно првите 10 минути ги добија со 17:13.

Одиграа далеку под своите вистински можности „сино-белите“ од Аеродром, особено тоа се однесува за втората четвртина во која противникот, не претерано квалитетен, но упорен, и со поголема желба и енергија за успех, ја направи клучната предност која го одведе до победата.

Македонскиот кошаркарски клуб држеше егал некаде до средината на втората четвртина, имаше негатива од само 27:25, а потоа повторно нови низа на поени од страна на противникот, до паузата постигнаа 18, а МЗТ само четири и тука веќе се знаеше кој е подобар на средбата. Само еднаш се спушти негатива под 10 разлика (45:37) по серијата од 8:0 за 90 секунди, но словенечката екипа брзо се врати на „стандардната“ предност од 13-14 поени.

Слично беше и на крајот на овој дел од играта во кој Мекиќ не ги скрати оние (62:51) на Рогашка (ги утна двете слободни фрлања). Како играа во тие три четвртини, реално, тешко беше за очекување дека може да има „камбек“ на нашата екипа. Напротив, се случи обратното, Рогашка заигра уште подобро, и изненадуваќки лесно отиде на плус од повеќе од 20 поени позитива.

Во победничките редови Вујачиќ имаше 19 поени (осум асистенции), а за „штрковите“ по 12 коша имаа Стојановски и Дејвис (10 скокови).

И наместо со две победи, МЗТ се враќа во Скопје со половичен ефект по првиот „балон“, овој на Златибор. Првиот турнир од АБА2 лигата се затвора утре, а од 18.00 часот, екипата на Пелистер ќе го одигра својот втор меч во оваа конкуренција. За противник ќе има уште една екипа од Црна Гора, Сутјеска од Никшиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот