Марија Проценко, главна архитектка на градот Припјат/Фото: Принтскрин/Фејсбук/Flickr

ФОТО+ВИДЕО | 40 години од катастрофата во Чернобил — нераскажаната морничава приказна за Марија, која спасила 45.000 луѓе

На 26 април се одбележуваат 40 години од катастрофата во Чернобил, која беше најтешката цивилна нуклеарна несреќа во историјата на човештвото. На 26 април 1986 во 01:23:40 часот во атомската централа во Чернобил дошло до експлозија. Радиоактивниот облак бил 30-40 пати поголем од оној што настанал над Хирошима.

Радијацијата е убиец без мирис и боја, со способност да проструи низ телото и да го разори на клеточно ниво, неповратно оштетувајќи ја ДНК. Кога во април 1986 година ескплодирал реакторот број четири во нуклеарната централа Чернобил, остатоците испуштале зрачење од 10.000 рендгени на час, смртоносна доза за секој што се наоѓал во близина само неколку минути.

Пожарникарите на 26 април биле најголемата жртва, впивајќи невидени количини отров додека се бореле со огромните пламени на најразорната нуклеарна несреќа во историјата. Додека гигантски радиоактивен облак се ширел низ светот, инфицирајќи 40 отсто од Европа и достигнувајќи дури до северна Африка и Северна Америка, една жена се нашла во самиот центар на бурата.

Работна група на Извршниот комитет на Припјат во Чернобил. Во центарот Марија Проценко – главната архитектка на градот, лево Александар Есаулов – заменик-претседател на Извршниот комитет на градот Припјат. Декември, 1986 година/Фото: Принтскрин/Фејсбук

Архитектката која го закопа сопственото дело

Марија Проценко, облечена само во блуза, здолниште и сандали, била лично одговорна за организацијата на масовната евакуација на 45.000 цивили од Припјат, испразнувајќи го разурнатиот советски град од секаков знак на живот. Претходно, таа била главна архитектка на градот, со љубов проектирајќи населби за млади семејства, но во дел од секундата станала еден вид предвесник на смртта, бришејќи ја цивилизацијата што помогнала да се создаде, пишува „Дејли мејл“.

– Првпат во мојот живот, не градев град, туку го закопував засекогаш – рекла Проценко, потсетувајќи се на обемот на уништувањето за новиот документарец на „Нешенел џиографик“ достапен за стриминг на платформата Дизни+.

– Ова не е само несреќа предизвикана од човекот, тоа е катастрофа што ги скрши животите на илјадници луѓе.

Евакуацијата што дошла предоцна

До 11 часот наутро, денот по експлозијата, била најавена масовна евакуација закажана за 14 часот, но дотогаш веќе било предоцна.

Некои од жителите кои живееле најблиску до централата веќе примиле внатрешни дози на радијација во тироидната жлезда приближно 37.000 пати поголеми од дозата од рендгенска снимка на градниот кош, по вдишувањето на радиоактивниот материјал и консумирањето контаминирана храна.

Нагло ширење на ракот на тироидната жлезда

Непосредно по несреќата, ракот на тироидната жлезда бил особено распространет во Белорусија, Украина и Русија, со 5.000 случаи дијагностицирани кај оние што биле деца и адолесценти во моментот на изложеноста.

Припјат денес е морничав град на духови, со огромни градинки, напуштени куќи и спортски сали кои пропаѓаат, прогласен за премногу радиоактивно опасни за човечкиот живот најмалку во следните 24.000 години.

Проценко не носела никаква заштитна опрема додека ја предводела огромната операција на евакуација, стоејќи на мостот со поглед на градот додека 1.500 автобуси преземале семејства, населба по населба. Таа останала будна цела ноќ, изработувајќи детални мапи што ѝ овозможиле да ја изврши оваа огромна задача со тактичка прецизност, не оставајќи никого зад себе во индустриската пустелија.

– Во 14 часот пристигна првиот автобус… Стоев таму во блуза и здолниште, со сандали на босите нозе. Немав никаква заштита – рекла таа во документарецот.

Само дебели слоеви олово или масивни бетонски блокови можеле да ја заштитат од контаминацијата.

– Целата таа радиоактивна прашина се креваше и паѓаше на моите боси стапала и нозе. Затоа толку многу ме чешаа. Можете ли да замислите колку радиоактивна прашина леташе од тоа место во тој момент?

Неразбирање на размерите на трагедијата

Во тој момент, никој сè уште не можел да ги разбере размерите на трагедијата. Момчиња и девојчиња си играле заедно на улицата додека ги чекале конвоите да им го спасат животот, не сфаќајќи дека евакуацијата не е привремена и дека можеби никогаш повеќе нема да се видат. Многумина дури и не успеале да се збогуваат пред да исчезнат од животите еден на друг засекогаш, претворајќи се од соседи во бегалци во едно патување.

– Евакуиравме речиси 45.000 луѓе. Без паника или бучава, го евакуиравме целиот град – рекла Проценко.

Сè уште ја прогонува сеќавањето на една жена која ја гледала неподвижна низ прозорецот на автобус додека била одвоена од својата заедница.

– Не ме гледаше само, туку ја вртеше главата, следејќи ме со погледот. Имаше нешто на нејзиното лице, како да врескаше однатре: Што е ова?! Каде одам?!

Додека им помагала на жителите да избегаат, Проценкова немала претстава дека се изложува на смртоносни нивоа на зрачење.

– Во тој момент, не само што не се плашев, туку воопшто не ни размислував за тоа – рекла таа.

Дури по катастрофата се сетила дека била изложена на токсични материјали што паѓале во близина на Црвената шума со часови, вдишувајќи безброј честички контаминирана прашина додека минувале конвоите.

– Радијацијата не прави бучава како експлозии на бомби. Не пече како оган. Нема мириса. Не ја чувствувате веднаш, убива тивко, бавно. И воопшто не сте свесни дека сте во опасност.

По евакуацијата, таа развила постојана кашлица, главоболки, сувост во устата и интензивно чешање во нозете, но и понатаму не сфатила дека веројатно примила значителна доза на радијација.

Денес, на 80-годишна возраст, тој сè уште живее со долгорочните последици од катастрофата.

– Веќе немам 40 години… моето здравје не е какво што беше порано… сè како последица на изложеност на радијацијата – рекла Проценко.

Прикривање и бавен одговор од властите

Иако одредено ниво на изложеност било неизбежно за сите во близина на несреќата, советските власти дополнително ја влошиле ситуацијата со тоа што ја минимизирале трагедијата во првите денови, со што ја забавиле евакуацијата. И покрај експлозијата во раните утрински часови на 26 април, животот во градот на почетокот течел нормално. Децата си играле надвор, родителите ги вршеле секојдневните обврски, несвесни дека се наоѓаат во центарот на нуклеарна катастрофа.

– Ноќта беше ведра, топла и тивка. Жителите спиеја мирно и сè уште не знаеја ништо за несреќата. Информациите за радијацијата беа строго чувана тајна – рекла Проценко.

Кога ѝ била доделена задачата да ја води евакуацијата, ниту таа целосно не ги разбирала размерите на катастрофата, но знаела дека мора да ја заврши работата.

– До 18 часот… практично го евакуиравме целото население на градот.

За само неколку часа, сè било завршило, а Припјат никогаш повеќе не бил ист.

– Градот стана празен… ните едно светло не светеше… изгледаше малку морничаво.

Марија Проценко главна архитектка на градот Припјат која помогнала во еваукацијата од Чернобил/Фото: Принтскрин/Фејсбук

Последици што траат со децении

Катастрофата во Чернобил не била случај ограничен на еден ден, туку засекогаш ги променила животите на стотици илјади луѓе низ целиот свет. Истрагите подоцна заклучиле дека за експлозијата се одговорни лошите безбедносни протоколи во дизајнот на електраната и недоволно обучениот персонал, што довело до тоа експлозијата да го отфрли челичниот капак на реакторот тежок 1.000 тони или тежина на три патнички авиони Боинг 747.

Во неделите и месеците по несреќата, илјадници пожарникари, инженери, војници, полицајци, рудари, чистачи и медицински персонал, познати како ликвидатори, биле испратени на местото на катастрофата за да го локализираат пожарот и топењето на реакторот.

Во Белорусија до 2008 година биле регистрирани 40.049 ликвидатори заболени од рак, како и уште 2.833 во Русија. Во Украина здравствената состојба на работниците драстично се намалила: во 1988 година, 68 отсто се сметаа за здрави, додека 26 години подоцна, само 5,5 отсто останале во добра физичка состојба.

Покрај физичките последици, Проценко и денес се соочува со секојдневните последици од авторитаризмот. Во 2022 година била принудена да избега од Украина во инвалидска количка, заедно со ќерката и нивната мачета, откако рускиот режим на Владимир Путин изврши инвазија врз нивната земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот