Австриецот кој го планирал нападот на концертот на Тејлор Свифт во Виена е осуден на 15 години затвор
Австриски суд во четвртокот осуди 21-годишен маж на 15 години затвор, откако признал дека планирал исламистички напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена во 2024 година, при што бил прогласен за виновен за повеќе кривични дела поврзани со тероризам, објави „Си-ен-ен“.
Препорачано
Обвинетиот, идентификуван како Берaн А (чиј целосен идентитет не се објавува поради австриските правила за приватност), бил уапсен на 7 август 2024 година – само еден ден пред почетокот на првиот од трите планирани концерти на американската поп-ѕвезда во австриската престолнина.
По апсењето, сите три концерти беа откажани, што предизвика големо разочарување кај фановите. Додека во Виена разочараните обожаватели се собираа и пееја за да се утешат, ниту Свифт ниту нејзини претставници не се појавиле на судењето во Винер Нојштат, град јужно од Виена.
Берaн А, австриски државјанин, се изјаснил виновен за делата поврзани со планираниот напад, за кој максималната казна изнесува 20 години затвор. При влегување во судницата го покрил лицето со папка за да го избегне фотографирањето.
Во своето завршно обраќање, тој изјавил: „Само би сакал да кажам дека ми е жал.“
Според судските заклучоци, тој се обидел нелегално да набави оружје, меѓу кои автоматска пушка и рачна граната, а истовремено следел упатства од видео на Исламска држава со наслов „Направи бомба во кујната на мајка ти“, со цел да изработи мала количина на експлозив ТАТП (триацетон трипероксид).
Во рамки на истата постапка, тој бил обвинет и дека заедно со двајца пријатели од училиште планирал одделни напади во 2024 година во градови на Блискиот Исток. Тој и сообвинетиот Арда К признале дека патувале во Дубаи и Истанбул со намера да извршат напади, но дека на крај не ги реализирале.
На судењето, Берaн А изјавил дека во март 2024 година се движел низ Дубаи барајќи потенцијални жртви за напад со нож, но доживеал паничен напад кога се обидел да нападне некого. По враќањето во Виена, решил да оди чекор понатаму и на крај го избрал концертот како цел.
Тој и Арда К негирале дека дале каква било морална поддршка на трето лице, кое било уапсено во Мека под сомнение дека избодело безбедносен службеник во Големата џамија. Тоа лице сè уште се наоѓа во притвор во Саудиска Арабија.
Завршните аргументи биле главно фокусирани на таа линија на обвинението, дури и без конкретно да се спомене самиот концерт на Тејлор Свифт. Адвокатите на одбраната тврделе дека нивните клиенти не дале никаква материјална поддршка на третиот осомничен и дека, доколку нешто постои, улогата била обратно насочена.
„Берaн не е лидер. Тој не е идеолошки мозок“, изјавила неговата адвокатка Ана Маир во завршните зборови.
Сепак, поротата го прогласила за виновен по речиси сите точки од обвинението (13 од 15), вклучително и за давање морална поддршка, додека неговиот сообвинет Арда К бил осуден на 12 години затвор по сите точки од обвинението.


