Крадеме еден час сон, плаќаме со замор: Зошто понеделникот е најтежок по поместувањето на часовникот?
Летното сметање на времето започнa вчера со поместување на часовниците за еден час нанапред, од два на три. Навидум мала промена на часовникот, но сериозен предизвик за нашиот организам и секојдневнието. Како поместувањето на часовникот влијае на мозокот, сонот и здравјето за РТС зборувал д-р Драган Хрнчиќ, неврофизиолог и експерт за нарушувања на спиењето.
Препорачано
Промените во времето, особено долготрајните врнежи, во комбинација со поместувањето на часовникот, можат да влијаат и на психата и на физичката состојба. Често се јавуваат промени во расположението и чувство на мал пад на енергијата, објаснил д-р Драган Хрнчиќ за РТС.
Иако промената на часовникот се спроведува веќе четири децении, неговите ефекти врз здравјето, особено врз сонот и циркадијалниот ритам, привлекуваат сè поголемо внимание.
Понеделник како „најтежок ден“
Самиот чин на поместување на часовникот честопати не изгледа драматичен, но последиците стануваат видливи веќе на почетокот на работната недела.
– Во недела нема да чувствуваме толку многу, бидејќи ќе се разбудиме во согласност со нашиот биолошки часовник, но веќе следниот ден доаѓа до судир на биолошкиот и социјалниот ритам. Во понеделник ќе мора да се разбудиме во склад со нашиот социјален часовник и ќе сфатиме дека сме украле еден час од сонот и ноќта, и сме го додале на денот – напоменал неврофизиологот.
Последиците, како што истакнува, се забележливи кај повеќето луѓе.
– Понеделникот е ден кога ќе имаме најмногу последици – ќе бидеме поизморени, посонливи и ќе имаме помалку енергија.
Кој најтешко ја поднесува промената
Иако станува збор за поместување на само еден час, ефектот на организамот не е занемарлив, бидејќи го поместуваме целиот биолошки ритам, нагласува д-р Хрнчиќ.
Најчувствителни се групите луѓе со одредени навики и здравствени состојби.
– Најтешко го поднесат луѓето што спаѓаат во т.н. доцен вечерен хронотип – „був“, на кои и инаку им е тешко да стануваат рано – додал докторот.
Посебно се изложени и адолесцентите, како и хроничните болни.
– Адолесцентите имаат поместена фаза на спиење и сега ќе мора да стануваат уште порано. Хронично болните имаат намален адаптивен капацитет.
Дополнително, проблемите се поизразени кај оние што работат во смени.
– Луѓето кои често ги менуваат смените имаат најголеми проблеми со циркадијалниот ритам.
Иако адаптацијата е релативно кратка, ненадејната промена може да биде предизвик.
– Промената ќе трае најмногу до седум дена, но проблемот е што се случило одеднаш – рекол д-р Хрнчиќ.
Пролетен замор или здравствени проблеми
Периодот на промената на часовникот често се совпаѓа со т.н. пролетен замор, кој може да збуни многумина.
– Пролетниот замор може да трае две до три недели, до максимум еден месец – рекол д-р Хрнчиќ.
Од друга страна, ефектите од поместувањето на часовникот се краткотрајни. Ако тегобите траат подолго, потребно е да се побара причината.
– Ако симптомите продолжат, повеќе не станува збор за пролетен замор ниту за поместување на часовникот – треба да ја барате причината, без разлика дали станува збор за нарушување на спиењето или нешто друго, како анемија – заклучил докторот.


