Фото: Ruslan Huzau / Alamy / Alamy / Profimedia

12.000 пензионери што се во странство, сè уште го чекаат покачувањето што не го добија

Уставниот суд на 25 февруари ќе одржи седница на која ќе гласа по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на членот 37 став 1 со кој за линеарното зголемување од март минатата година се додаде условот „пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија“.

Поминаа повеќе од три месеци откако Комисијата за заштита на дискриминација донесе мислење за индиректна дискриминација на нашите пензионери што живеат во странство, а кои не го добија мартовското линеарно покачување од 2.500 денари. Мислењето на Комисијата е обврзувачко, односно Комисијата го задолжи Министерството за социјална политика во рок од 180 дена да го измени спорниот член од Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кое им се оневозможи парите да им легнат на сметка.

Од Министерството за социјална политика на прашањето на „Слободен печат“ дали подготвуваат законски измени, како што пишува во мислењето на Комисијата за дискриминација, велат дека ја чекаат одлуката на Уставниот суд.

– Министерството за социјална политика, демографија и млади го зема предвид и го почитува мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Од друга страна, пред Уставниот суд на РСМ се поднесени иницијативи за оценување на уставноста и на законитоста на член 37 став (1) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 75/25). Во зависност од Одлуката на Уставниот Суд, Министерството за социјална политика, демографија и млади соодветно ќе постапи – изјавија од Министерството.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапуваше по претставка за измената на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, која остави 12.000 наши пензионери што живеат во странство без покачување од 2.500 денари што се случи во март минатата година. Тие го добија зголемувањето од 2.500 денари во септември 2024 година, но потоа државата им го укина правото, го смени законот, интервенираше во член 37 и го додаде условот „пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија“.
Уставниот суд на 25 февруари ќе одржи седница на која ќе гласа по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на член 37 став 1. Подносители на инцијативата има повеќе.

Kире Батев со живеалиште во Германија наведува дека со оспорениот закон е направена дискриминација на пензионерите што живеат во странство, а не им се исплаќа линеарното усогласување на пензиите. Дополнително, тој тврди дека целиот работен век го остварил во Македонија и поради лични причини живее со децата во странство, за што наведува дека социјалното и пензиското осигурување редовно го уплаќал во матичната држава.

Љубомир Сандевски со живеалиште во Словенија, во иницијативата навел дека државата го ускратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените што прават дискриминација и категоризација на пензионери што пензиите ги примаат во Македонија и пензионери што живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите што ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите.

Доколку Уставниот суд не одлучи позитивно, или не се почитува мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација (во кое не е споменато дека треба да се чека одлуката на Уставниот суд), овие 12.000 пензионери во странство нема да добијат ни линеарно зголемување сега во март. Но, тоа линеарно зголемување станува сè подискутабилно за сите пензионери и тука се чека одлука на Уставен суд за преиспитување на „линеарноста“.

Од Комисијата за заштита на дискриминација „Слободен печат“ велат дека мислењето со кое се утврди индиректна дискриминација на нашите пензионери што живеат во странство, е донесено на 7.11.2025 година, а рокот за исполнувањето на препораката од 180 дена сè уште не е завршен. – По истекот на рокот, Комисијата постапува во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација – децидни се од Комисијата.

Оттаму објаснија дека со писмено мислење, а по утврдена дискриминација, Комисијата препорачува начин на отстранување на повредите на правото.

– Лицето, или органот на кој е упатена препораката, е должно да постапи по препораката и да ја отстрани повредата во рокот даден во мислењето, од денот на приемот на препораката и за тоа да ја извести Комисијата. Доколку лицето или органот на кого е упатена препораката не постапи по препораката според законот, Комисијата поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци – велат од Комисијата.

Оттаму велат и дека непостапувањето може да се смета како продолжување на дискриминацијата; се отвора пат судски да се докаже дискриминација без потреба од нови докази. Препораката станува силен доказ во постапки пред национални судови и дури пред Европскиот суд за човекови права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот