Фото: Pexels

Зошто движењето е клучно за здравјето и среќата на децата?

Децата денес се помалку физички активни отколку што биле порано. Научниците сега откриваат практични и ефикасни начини како да ги поттикнат да се движат повеќе, пишува Би-би-си.

На глобално ниво, децата се помалку активни од претходните генерации. Според научниците, тоа може да има долгорочни последици врз нивното здравје. Овој тренд се случува во време кога стапките на дебелина кај децата се во пораст, при што едно од десет деца и адолесценти живее со оваа состојба.

Зголеменото време поминато во седење, стресот, квалитетот на исхраната и намаленото учество во спортски активности се меѓу факторите што придонесуваат за ваквата состојба.

Добрата вест е дека разбирањето на причините поради кои децата се помалку активни отвора можности тие да бидат поттикнати повеќе да се движат, што ќе им користи и сега и во иднина. Сè повеќе истражувања покажуваат дека постојат практични и ефикасни начини за тоа, кои истовремено го подобруваат нивното физичко и когнитивно здравје.

Според препораките, децата треба да имаат најмалку 60 минути физичка активност дневно. Сепак, многумина не го достигнуваат тоа ниво.

Ова може да има долгорочни последици, бидејќи физичката неактивност во детството е поврзана со помала физичка активност во зрелата возраст. Од друга страна, децата кои се поактивни имаат поголема веројатност да останат активни и како возрасни.

Една долгорочна студија, која следела 712 ветерани од Втората светска војна во период од 50 години, покажала дека учеството во спортови за време на средното образование било најсилниот показател за подобри здравствени исходи на 70-годишна возраст, како и за поголема физичка активност во подоцнежните години. Луѓето кои спортувале во младоста имале и помалку посети на лекар.

Бројни други истражувања покажуваат слични резултати. Физичката активност во детството е поврзана со подобро долгорочно здравје. Кај младите кои учествуваат во спортски активности е забележан понизок индекс на телесна маса (БМИ), помал обем на половината, подобро ментално здравје, како и подобри образовни резултати и когнитивни способности.

Когнитивни придобивки

Физичката активност им носи придобивки на децата и во сегашниот момент, вели Никол Логан, доцент по кинезиологија на Универзитетот Род Ајленд во САД.

„Таа не само што го подобрува составот на телото, туку и ги подобрува и одржува позитивните когнитивни функции додека децата растат и влегуваат во адолесценцијата“, вели таа.

„Колку повеќе сме физички активни, толку повеќе ја подобруваме кардиореспираторната кондиција, а тоа е добро и за нашиот мозок.“

Поради овие придобивки, сè поголем број истражувачи се фокусираат на тоа како децата и адолесцентите да седат помалку и да се движат повеќе, во согласност со препораките на организации како што е Светска здравствена организација.

На пример, во рамките на деветмесечна програма за физичка активност по завршувањето на наставата, Логан и нејзините колеги утврдиле дека децата со дебелина кои биле дел од програмата постигнувале подобри резултати на когнитивните тестови во споредба со оние кои не учествувале. Активностите се одвивале пет дена во неделата и вклучувале умерено до интензивно вежбање.

Програмата придонела и за намалување на телесните масти, што е една од причините за подобрувањето на когнитивните способности, објаснува Логан. Масните наслаги околу виталните органи можат да предизвикаат воспалителни процеси во организмот, а тие се поврзани со послаба когнитивна функција.

Во исто време, аеробната кондиција и физичката активност се поврзани со поголема точност при извршување сложени задачи, побрзи реакции и подобра контрола на импулсите – способност која е клучна за концентрацијата.

Логан предлага училиштата да воведат 60 минути движење секој ден, со што би се намалил товарот врз родителите кои често треба да обезбедуваат пристап до спортски активности што можат да бидат скапи и да одземаат многу време.

Да се прекине со седењето

Зголемувањето на физичката активност не мора задолжително да подразбира организирани спортови.

Во едно истражување во американската сојузна држава Масачусетс, едноставното зголемување на можностите за физичка активност пред, за време и по наставата, како и подобриот пристап до здрава храна, резултирало со понизок индекс на телесна маса кај учениците од основните училишта. Околу една четвртина од децата вклучени во истражувањето воопшто не учествувале во спортски активности во текот на претходната година.

„Најефикасниот начин за спречување на дебелината кај децата е подобрување на средината поврзана со исхраната, поттикнување на физичката активност и воспоставување правила за користење екрани“, вели Ула Тофт, професорка на Катедрата за здравство на Универзитетот во Копенхаген.

Таа работи на голема данска студија за превенција на дебелината, која се фокусира на четири клучни области: исхрана, физичка активност, користење екрани и сон.

Училишните интервенции исто така покажуваат охрабрувачки резултати. Една неодамнешна студија во 30 училишта во Велика Британија открила намалување од осум проценти на односот меѓу обемот на половината и колковите, показател за масните наслаги во пределот на стомакот, како и зголемување од десет проценти на учеството во спортски активности.

Во рамките на истражувањето, наставниците биле охрабрени да ги поттикнуваат учениците да стануваат кога одговараат на прашања и почесто да се движат низ училницата.

„Не стануваше збор за вежбање, туку за помалку седење“, вели Фламинија Ронка од Институтот за спорт, вежбање и здравје при Лондонскиот универзитетски колеџ, која е главна авторка на студијата.

Бидејќи децата голем дел од денот го поминуваат седејќи, воведувањето креативни начини за повеќе движење може значително да придонесе за подобро здравје, додава таа.

Поддршката од родителите

Сè уште не е јасно дали ваквите интервенции имаат долгорочен ефект, но Ронка смета дека создавањето здрави навики уште од најрана возраст може да донесе трајни придобивки.

Нејзината студија покажала и дека поактивните деца побрзо реагираат на когнитивни задачи поврзани со вниманието и контролата на импулсите.

Дополнително истражување покажало дека и само една 30-минутна физичка активност може да ги подобри резултатите на децата на когнитивни тестови.

Бидејќи физичката активност често се намалува во адолесценцијата, особено кај девојчињата, поддршката од родителите може значително да го зголеми учеството во спорт.

Во едно американско истражување, девојчињата чии родители ги охрабрувале и им помагале да пронајдат можности за спортување имале поголема веројатност да продолжат со тие активности.

Истовремено, истражувањата покажуваат дека децата чии родители се физички активни имаат поголема веројатност и самите да бидат активни. Истото важи и кога родителите вежбаат заедно со своите деца.

Тоа може да биде едноставно возење велосипед во локалниот парк или кратко заедничко трчање.

Поголема самодоверба

Уште еден начин за зголемување на физичката активност е да се обрне внимание на тоа како децата се чувствуваат додека се движат.

Микаела Џејмс од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Свонси утврдила дека кога децата се чувствуваат сигурни и способни во движењето, се подобрува и нивната благосостојба.

Според неа, многу училишта ставаат преголем акцент на структурираните физички активности, што кај дел од децата може да создаде чувство на исклученост и да влијае врз нивната самодоверба.

Џејмс смета дека давањето поголем избор на децата во однос на активностите што сакаат да ги практикуваат може да им го промени животот.

„Можеби изгледа хаотично да им се препушти контролата на младите луѓе и да им се каже: ‘Продолжете како што сакате’, но мислам дека тоа игра огромна улога во создавањето добри и сочувствителни луѓе“, вели таа.

Зголемувањето на неструктурираната игра може да се постигне релативно едноставно – со почести активни паузи и со тоа што времето за одмор нема да се одзема како казна, практика што сè уште се користи во некои училишта.

Во согласност со тоа, покреативното уредување на детските игралишта со предмети како гајби, гуми или дрвени палети би можело дополнително да ги поттикне децата на слободна игра и движење.

И што е најважно, вели Џејмс, треба да се признае дека секое движење има вредност – без разлика дали станува збор за качување на дрво, трчање низ игралиште или играње брканица.

„Суштината е во тоа да се вреднува она што децата сакаат да можат да го прават“, заклучува таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот