Зошто Божиќ не го замислуваме без светилки? Традицијата е стара со векови, а првите ламбички се појавиле дури во 19. век
Една од најубавите празнични традиции ширум светот е украсувањето на домовите, дворовите и целите градови со мали, нежни, често треперливи светилки, пишува „Путни кофер“.
Препорачано
Иако денес Божиќ е незамислив без овој декор, историјата на божиќните светилки не е долга. Не може ни да биде, бидејќи Томас Едисон успеал својата прва „светилка“ да ја изнесе надвор од лабораторијата дури во 1880 година. Мина извесно време додека светилките, па потоа и декоративните ламбички, не станаа достапни за поширока употреба и не ги заменија свеќите со кои порано се осветлувале домовите.
Денес украсувањето со светилки е неизбежен дел од празничниот амбиент. Имено, имотите со голем број светилки станаа вистински туристички атракции. Во некои земји соседите дури се натпреваруваат кој ќе направи пораскошни и поекстравагантни украси. Декември без празнична светлина денес е речиси незамислив.
Потребата за светлина за време на празниците е стара со векови. Во декември, кога деновите се куси, студени и темни, европските домови се украсувале со повеќе свеќи, кои понекогаш се ставале и директно на божиќното дрвце. Традицијата на празнично светло најверојатно потекнува од Германија во средниот век, кога се палело бадниковото дрвце. Црквите бргу ја прифатиле оваа пракса, а светлината од дрвцата станала симбол на Христос како „светлина на светот“.

Првите мали електрични ламбички, претходнички на денешните. ги создал токму пронаоѓачот на електричната сијалица, Томас Едисон. За време на Божиќ во 1880 година, наново поврзани светилки биле поставени околу надворешниот дел од неговата лабораторија во Менло Парк. Патниците во возовите што минувале покрај лабораторијата биле првите кои уживале во ваков празничен амбиент.
Светилките не влегле веднаш во широка употреба, требало да поминат околу четири децении. Едвард Х. Џонсон, пријател и партнер на Едисон, поврзал 80 црвени, бели и сини светилки и ги поставил на своето божиќно дрвце. Светот сè уште не бил подготвен за новиот изум.
Пошироката употреба на електрични светилки некои ја поврзуваат со претседателот Гровер Кливленд, кој крајот на 19. век го осветлил божиќното дрвце во Белата куќа со стотици шарени електрични сијалички. Првото големо национално дрвце било запалено во 1923 година, јужно од Белата куќа, со 3000 електрични ламбички.

Изумот постепено се проширил низ светот, но темпото било забавено од Првата светска војна и Големата депресија. Средината на 20. век донела масовно користење ламбички во американските и западноевропските домови, додека во нашите краишта овој обичај се појавил нешто подоцна, со ширењето на електричната мрежа и отворањето кон западните трендови.
Дали некогаш сте се запрашале од каде потекнува обичајот да се кити божиќното дрвце и како дошло до тоа на гранките на бор да ставаме најразлични украси? Сè почнало одамна, кога гранките од зимзелени дрвја се користеле како декор за прославата на зимскиот сончев пресврт – симбол на победата на светлината над темнината.
Со текот на времето, во домовите почнале да влегуваат цели дрвца, мали или големи, но како точно започнало тоа, никој не знае со сигурност. Постојат многу приказни и тврдења за првото окичено дрво, а неколку земји дури го присвојуваат тој „прв“ статус. Сепак, повеќето експерти сметаат дека модерната форма на божиќното дрвце, онаква каква што ја знаеме денес, најверојатно потекнува од регионот Елзас.


