ЗНМ реагира на вчерашниот непринципиелен третман кон странски новинари на сметка на домашните

фото: ЗНМ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира на третманот кон странски новинари кои вчера присуствуваа на собраниската седница на која се гласаше техничката влада. Од ЗНМ бараат објаснување од новоизбраниот претседател на Собранието Јован Митрески, зошто четворицата новинари биле привилегирани и седеле во дипломатскиот дел на терасата и се возеле со владини службени возила.

По пријава до ЗНМ од страна на новинари и според медиумски објави во текот на вчерашниот ден, четворица новинари биле привилегирани од страна на службите за сметка на новинарите и медиумските работници од домашните медиуми. Според видеоприлогот и укажувањата на порталот Portal X, четворицата странски новинари биле сместени да седат во дипломатскиот дел на терасата во пленарната сала и исто така во текот на нивната посета биле пренесувани со владини службени возила – се вели во соопштението.

Од Здружението велат дека ова досега не било пракса и укажуваат дека со ваквите постапки се прави преседан кој може да остави впечаток дека некој е привилегиран за сметка на друг во новинарската фела.

Ваквиот третман во најмала рака ги омаловажува останатите новинари и создава перцепција дека се влијае на странските новинари да известуваат во полза на домашните чинители од политичките партии во собранието, додека пак нееднаквиот третман на новинарите придонесува за недостаток на транспарентност и отчетност – додаваат од ЗНМ.

Привилегирањето на одредени новинари во однос на други од страна на државните службеници, од ЗНМ велат дека предизвикува сериозна загриженост за слободата и интегритетот на новинарството во земјата. Таквото фаворизирање, според нив, може да резултира со пристрасно известување, цензура и сузбивање на различни гласови, што на крајот ќе го загрози правото на јавноста за пристап до точни и непристрасни информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот