НБРМ - Народна банка / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Златото, провизиите и курсните разлики ја „полнат“ касата на Народна банка, за една година профитот е зголемен за 47 отсто

Најголем придонес кон добивката имаат нето нереализираните курсни и ценовни промени, кои изнесуваат 15,64 милијарди денари, речиси двојно повеќе од 2024 година. Овој резултат директно се поврзува со растот на цената на златото и промените на девизните курсеви.

Народната банка на Република Македонија лани остварила значителен раст на добивката, која достигна 18,56 милијарди денари или над 300 милиони евра, што е зголемување од околу 47% во однос на претходната 2024 година. Извештајот е веќе поднесен до Собранието, а според него анализата на приходите и расходите покажува дека клучен двигател на овој раст не се класичните каматни приходи, туку курсните и ценовните промени, како и движењата на глобалните пазари. Најголем придонес кон добивката имаат нето нереализираните курсни и ценовни промени, кои изнесуваат 15,64 милијарди денари, речиси двојно повеќе од 2024 година. Овој резултат директно се поврзува со растот на цената на златото и промените на девизните курсеви.
Дополнително, Народната банка остварила и 186 милиони денари нето реализирани добивки од курсни и ценовни разлики, што укажува дека дел од овие добивки се и фактички остварени на пазарот.

Провизиите стабилни, платите на вработените растат

Ако се анализират бројките од финансиските извештаи за лани, може да се заклучи дека Централната банка има релативно стабилни приходи од провизии, но и забележителен раст на трошоците за вработените. Нето-приходите од провизии во 2025 година изнесуваат 562,4 милиони денари, што претставува благ раст во однос на 546,9 милиони денари во 2024 година. Овој умерен пораст укажува на стабилност во сегментот на платежните услуги и другите банкарски активности за кои се наплатуваат провизии.

Вкупните приходи од провизии достигнале 586,5 милиони денари, додека расходите за провизии изнесуваат 24 милиони денари. Иако растот не е драматичен, континуитетот во овие приходи е значаен, особено во контекст на намалувањето на надоместоците во платните системи, што беше дел од реформите за поевтини и поефикасни трансакции. Од друга страна, расходите за вработените бележат поизразен раст и достигнуваат 764 милиони денари во 2025 година, во споредба со 677 милиони денари една година претходно. Ова претставува зголемување од околу 13%. Зголемувањето може да се должи на повеќе фактори, раст на платите, инфлаторни прилагодувања, нови вработувања или зголемени трошоци за бенефиции.

И покрај високата добивка, основните каматни приходи бележат пад од 5,02 милијарди денари во 2024 година на 3,93 милијарди денари во 2025 година. Ова е резултат на глобалниот тренд на намалување на каматните стапки. Расходите за камати исто така се намалени, но во помал обем, што доведе до пад на нето-приходите од камати на 1,13 милијарди денари, од претходните 1,46 милијарди денари. Ова укажува на стеснување на каматната маржа и зголемена зависност од други извори на приход.

Драстичен пад на девизните депозити

Еден од највпечатливите податоци е намалувањето на депозитите во странска валута од 58,17 милијарди денари во 2024 година на 27,94 милијарди денари во 2025 година. Сличен тренд се забележува и кај ефективните странски пари, кои се намалиле од 685 милиони на 356 милиони денари, што укажува на намалена потреба од ликвидни девизни средства.

Паралелно со падот на депозитите, Народната банка ги зголемила вложувањата во странски хартии од вредност, кои достигнале 224,7 милијарди денари, во споредба со 216,4 милијарди денари една година претходно. Овој раст е во согласност со стратегијата за пренасочување кон подолгорочни инструменти со постабилен принос, особено во услови на променливи каматни стапки на глобалните пазари.

Вредноста на златото бележи силен раст од 34,07 милијарди денари во 2024 година на речиси 49,95 милијарди денари во 2025 година. Овој пораст од околу 16 милијарди денари ја одразува глобалната тенденција на зголемена побарувачка за сигурни средства во услови на геополитичка неизвесност. Златото сè повеќе добива улога на клучен стабилизатор во девизните резерви на централната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот