Милијана Рељиќ со наградата „Златна Олимпија“ за најуспешна спортистка во 2025/Фото: facebook.com/aleksandar.eftimov.79

Златна Олимпија: Милијана Рељиќ избрана за најдобра спортистка за 2025 година

Во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје се одржа јубилејната петта „Златна Олимпија“ посветена на најуспешните жени во спортот. Настанот е посветен на исклучителните достигнувања и придонеси на жените во македонскиот спорт, спортистки чиј труд и резултати оставија силен печат на спортската сцена.

Оваа манифестација продолжува да биде важна платформа за афирмација на женскиот спорт и охрабрување на идните генерации спортски таленти. Оваа година Милијана Рељиќ беше избрана за најдобра спортистка од Македонскиот Олимписки Комитет.

„Златната Олимпија“ повторно е во рацете на таеквондистката, што претставува поттик за уште поголеми успеси следната година и до медал на Игрите во Лос Анџелес 2028.

Рељиќ дојде до сребро на Г-1 турнирот во шведскиот Криштианштад, што донесе 7,20 олимписки поени, а медал освои и на меѓународниот турнир во австрискиот Инсбрук за искачување на олимписката ранг-листа.

Женската фудбалска репрезентација до 17 години која успеа да дојде до првата позиција на квалификацискиот турнир (Лига Б) и се пласираше во А лигата за Европското првенство дојде до признанието „Најдобар женски национален тим“. „Најуспешна тренерка“ е избрана Катерина Милеска, која го водеше овој национален тим до врвни резултати.

„Најуспешна спортска работничка“ е Гордана Николовска Кузмановска, за организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал и Скопскиот маратон. „Најнадежна млада спортистка“ е Мери Бошковска која оствари голем успех со одбојкарскиот клуб Јанта Волеј Кисела Вода со значаен придонес стигнувајќи до третата рунда од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите.

„Најуспешна судијка“ Ема Никочевиќ, таа е првата ФИБА судијка од Македонија, која годинава ја одбележа личната и професионалната победа, враќањето на теренот по тешка здравствена битка.

Наградата за „Спортски подвиг“ заврши во рацете на Катерина Шиповиќ која беше најдобра на трката во Серес со истрчани 202 километри за 24 часа.

Наградата за „Животно дело“ годинава ја доби легендата Стојна Вангеловска, поранешна врвна кошаркарка и првата Македонка која освоила олимписки медал, додека во медиумската сфера, признанието за „Најуспешна спортска медиумска работничка“ го доби фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева.

За „Најуспешна спортистка со попреченост“ е наградена Фатмире Бајрамоска која се закити со сребрен медал во крос-кантри скијање на Зимските Специјални Олимписки игри во Торино, Италија.

Ракометната федерација на Македонија е најуспешна федерација во унапредување на родова еднаквост за 2025 година
— признание кое е потврда за континуираната посветеност, еднакви можности и поддршка на развојот на ракометот без разлики. Посебни признанија за женско лидерство и унапредување на родова еднаквост добија Цветанка Макаровски и Ирена Митровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот