Судење за пожарот во „Пулс“ / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Жртва од Кочани заплака на сведочењето: Од петмина другари, само јас преживеав, се борев за здив

Со плачење и силни емоции, Мартин Китанов од Оризари сведочеше како успеал да се спаси од трагедијата во дискотеката, но и како ги изгубил четворицата другари со кои заедно излегле да го прослават раѓањето на синот на еден од нив.

„Од петмина другари кои излеговме таа вечер, само јас останав жив. Тројца ми беа другари од детство, а еден многу близок пријател. И ден-денес не знам како точно загинаа“, рече Китанов.

Сведоштво на судењето за Кочани: Ме газеа, повраќав, не се сеќавам како сум излегол – полицајците не ми помогнаа

Тие најпрво биле во кафеана, а потоа продолжиле во дискотеката. По активирањето на прскалките, поминале минута-две додека пејачот Панчо повикал сите да излезат надвор. Во тој момент просторот веќе почнал да се полни со чад, а прскалките сè уште работеле.

„Сите тргнавме кон излезот. Брзо стигнавме до таканаречената каубојска врата, но не се гледаше ништо. Се чувствуваше огромна жештина. Меѓу вратите се сопнав и паднав. Испружив раце напред, а врз мене паднаа уште неколку луѓе. Петмина лежевме еден врз друг и потоа никој повеќе не помина – сите паѓаа врз нас“, раскажува тој.

„Паднавме едни врз други, нозете ми беа приклештени – ме извлече обезбедувањето“, сведочеше преживеан од „Пулс“

Прв што се обидел да му помогне бил обезбедувачот Лазар Захариев, но не успеал да го извлече поради силниот притисок од луѓето над него.

„Градите ми беа притиснати, не можев да дишам. Знаев дека сум во тешка неволја, но си повторував дека ако ги тргнат луѓето одозгора – ќе преживеам“, вели Китанов.

Потресно сведоштво за „Пулс“: Телото на брат ми го најдов на влезот, го познав по тетоважите

Во хаосот видел двајца пожарникари како се движат кон нив и тоа му дало надеж, но и тие не можеле да го извлечат. Нозете му биле смачкани, болките биле неподносливи.

„Кога ми текна на моите две деца, си реков дека морам да издржам и да дишам колку што можам“, додава тој.

Судијката ги искара родителите, а адвокатката на Деко побара исклучување на јавноста ако уште еднаш се наруши редот

Во еден момент, едно момче му притекнало на помош.

„Го гледав како божји ангел. Го штипнав за да ме забележи дека се задушувам. Ме фати за рацете и со огромен напор ме извлече надвор. Излегов без патики, со спуштени фармерки, цел изгребан и крвав.“

Иако имал силни болки и не ги чувствувал нозете, сакал да се врати назад за да ги најде другарите, но луѓето не му дозволиле.

ВИДЕО | Тензично во судницата во Идризово, реакции за доцнењето на судењето и за адвокатката на Деко 

„Ми рекоа дека сум цел во крв и дека ја губам силата. Гледав сцени што никогаш нема да ги заборавам – луѓе паѓаа, се онесвестуваа, деца изгорени … душата ми се кинеше.“

Со последни сили стигнал до блиска бензинска пумпа, каде што работел негов пријател. Таму паднал и седнал, постојано обидувајќи се да ги добие другарите на телефон – повеќе од 20 пати, без одговор.

Подоцна бил однесен дома, а потоа и на лекување во болница „Систина“, каде што добил и психолошка помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот