Судење за пожарот во „Пулс“, Кочани / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Сведоштво на судењето за Кочани: Ме газеа, повраќав, не се сеќавам како сум излегол – полицајците не ми помогнаа

Паднав на колена, ме туркаа, ме газеа и почнав да повраќам. Потоа не се сеќавам како сум излегол надвор. Левата рака ми е тешко повредена, имам пресадена кожа, а имам изгореници на ушите и на вратот.

Вака сведочеше Тоше Трендафилов, кој успеал да ја преживее трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, опишувајќи ги драматичните моменти кога избувнал пожарот.

„Кога стигнав до вратата, веќе беше целосен хаос. Луѓето лежеа едни врз други. Паднав на колена, ме туркаа и ме газеа, почнав да повраќам. Ја ставив маицата на уста и по тоа ништо не паметам. Некој ме извлекол надвор, подоцна другарите ми кажаа дека тие ме спасиле“, раскажува Трендафилов.

Тој вели дека полицијата ја забележал дури кога излегол надвор, но и покрај тоа што побарал помош, не добил никаква реакција.

„Им подадов рака, но не ми пружија никаква помош“, сведочи тој.

Трендафилов во дискотеката пристигнал околу 1:30 часот, а со друштвото стоеле веднаш до бината.

„Панчо кажа дека гори и ни рече да излеземе надвор. Лично јас не го забележав пожарот во прв момент, дискотеката беше преполна. Имаше и малолетници, како и секоја вечер. Беше црн час, не се дишеше“, вели сведокот.

Сите сведоци кажаа дека во дискотеката секогаш имало малолетници, фискални никогаш не се издавале за купен билет, а полицијата никогаш не прекинала забава кога и да дошла при акција.

Адвокатката на газдата на „Пулс“, Ивана Коцевска му рече на судот да не го прифати доказот на сведокот зашто бил контрадикторен и не се совпаѓа со материјалните докази. Таа реагираше на тоа што сведокот кажа дека дискотеката била реновирана пред три четири години, иако доказите покажуваат дека била реновирана во 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот