Судење за пожарот во „Пулс“, Кочани / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

ВИДЕО | Тензично во судницата во Идризово, реакции за доцнењето на судењето и за адвокатката на Деко 

Во судницата во Идризово беше тензично додека се чекаше да почне рочиштето за кочанската трагедија на кое се очекува да сведочат петмина повредени кои биле на местото на несреќата. Рочиштето доцнеше, а родителите реагираа затоа што во јануари немаше рочиште, сега доцни полициското спроведување, како што велат, рочиштата траат кратко, а тие губат денови од работа.

Пред рочиштето изјава за медиумите даде Александар Наунов, таткото на младата Надица Наунова, која загина во пожарот. Тој реагираше на реакцијата на Ивана Коцевска, адвокатката на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, чиј син ги тужи младите луѓе кои го изразија револтот пред кафулето „Класик“ ден по трагедијата и бара отштета.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица во пожарот во „Пулс“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

-Кога јавно зборувате за сочувство и емпатија, кои досега сте ги имале кон нас родителите, мораме да ве потсетиме на вашите сопствени зборови изговорени пред луѓе кои ги изгубија своите деца. На судењето рековте: Обвинетиот требало да одговара за небрежност, а не за тешки дела. Дека немал свест за обврските и најболната реченица која ја упативте: „За вас тој е монструм, а за мене е обичен човек“. Тоа вие го кажавте лично пред нас родителите, кои ги погребаа своите деца, тоа не е емпатија, тоа е суровост. Ако сега тврдите дека вашиот лик бил злоупотребуван во небулозна форма, тоа тврдење не е само неточно туку и потценување на нашата интелигенција. Како прво, на постерот не се препознавате само вие, се препознаа и многу други лица кои имаа физички сличности со ликот, но никој од нив не реагираше ниту ја толкуваше пораката како напад. Единствено вие адвокатке Коцевска излеговте со тврдење дека сте биле лично засегната, а зошто? Ние семејствата не ве ни спомнавме, не ве нападнавме. Ние се бориме за вистината и за изгубените животи на нашите најмили – рече Наунов.

Тој вели дека очекуваат одговорност, професионалност и почит кон болката и траумата на семејствата.

-Искрено, како човек кој се нарекува интелектуалец, би требало да ја разликувате таа разлика. Таквата ваша изјава е чиста небулоза извадена од реалноста. А ако веќе зборувате за углед, да бидеме јасни, на угледот на правната заедница не ѝ штетат родителите кои бараат вистинска правда и одговорност, туку вашиот обид да прикажете лице кое според обвинението и сите досега познати факти и докази стои во центарот на еден нелегален, небезбеден и финансиски нерегулиран објект. Лице кое поради профит ги игнорирало сите безбедносни стандарди, лице кое заобиколувало законски пат преку мито и корупција, а истото тоа лице го претставува како човек кој немал свест. Што значи вие прикажувате дека лицето не било свесно со своето однесување, прекршило правило, создало ризик и извршило дело кое може да предизвика штета. Дали бевте свесни колку е сурово од нас родителите, за кои таа вечер децата им беа изгорени, пеплосани, задушени, згмечени и отруени- рече Наунов.

Судијката пред почетокот на рочиштето ги предупреди родителите кои се во судницата да не дофрлаат.

Родителите на саботниот протест преку транспарент, на кој е прикажана адвокатката со куфери со пари како заминува во светот на покојниците, а пред пеколот ѓавол ѝ вели дека за таму пари не ѝ требаат, го изразија нивното незадоволство од тужбата.

По ова, Ивана Коцевска, која е бранител на газдата и синот на „Пулс“ излезе со реакција во која побара реакција од институциите.

-Имено, родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат и за ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи на РМ во заштита на нашата професионална должност пред сè, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото- реагираше Коцевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот