Животната приказна на Мишел Јео, првата Азијатка која освои Оскар за најдобра главна женска улога

Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Малезиската филмска ѕвезда Мишел Јео е првата Азијка која се закити со престижната филмска награда Оскар во категоријата „Најдобра актерка“, за нејзината улога во филмот „Everything Everywhere All at Once“.

Јео, која е родена во Малезија, беше голема филмска ѕвезда во Кина пред да ја освои и светската филмска сцена. Шеесетгодишната актерска дива се прослави во САД со споредните улоги во филмовите „Crouching Tiger, Hidden Dragon“, „Tomorrow Never Dies“ и „Crazy Rich Asians“.

Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Категоријата „Најдобра актерка“ е историски една од најмалку разновидните категории на Оскарите, барем кога станува збор за расната разновидност. Поради тоа, често беа упатувани критики до Академијата дека, претежно, само бели актерки добиваат номинации. Досега само десетина афроамерикански актерки ја имаа честа да се најдат меѓу номинираните, а само четири латиноамерикански актерки имаат добиено номинација за Оскар во оваа категорија.

Младост

Мишел е родена во Ипох, град во Малезија и главен град на државата Перак. Се наоѓа на околу 200 км северно од Куала Лумпур.  Покрај уметностите, Јео сакала и спорт, па накратко тренирала кошарка, пливање и рагби. Родена е во 1962 година на 6-ти август.

Како тинејџерка се сели во Лондон, каде се запишува на Кралската академија да изучува балет, но животот имал други планови за Мишел.

Поради случајна повреда на грбот, надежите да стане балерина стануваат неостварливи. Нејзината убавина, во 80-те и донела неколку титули за најубава девојка, како Мис Малезија и Мис Мумба, избор што се одржува во Мелбурн, Австралија.


Јео за прв пат се појавува на телевизија во 1984 година во реклама заедно со легендарниот Џеки Чен, а една година подоцна започнува да глуми во акциони филмови во Хонг Конг. Движењата што ги научила со танцот, Мишел ги користи во нејзините филмови, а честопати сама ги изведува и каскадерските сцени.

Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Рамо до рамо со Џеки Чен

Џеки Чен важи за голема акциона sвезда која остави свој белег и во азиската кинематографија и во Холивуд, но тој порано мислел дека на жените не им е место во акциони филмови.

Минатата година во интервју за „Гардијан“, познатата актерка и експерт за боречки вештини истакнала дека Џеки сметал дека на жените местото им е во кујната и не треба да глумат во акциони филмови. Ваквиот став го имал сè додека „кунг фу божицата“ (термин кој „Гардијан“ ѝ го припишува на Мишел во нивното интервју) не го победила во борба.

Не бил само ставот на Џеки со кој Мишел морала да се соочи во раните 1980–ти кога тренирала акробации. Таа, исто така, се соочувала со омаловажувачки ставови од каскадерите во вежбалница во Хонгконг каде што редовно вежбала.

„Ми се потсмеваа со вкрстени раце: oва малo суштество сака да го направи сето ова? Но, јас ги следев како се движат. Бев во таа сала од 8:30 часот наутро до зајдисонце секој ден“, изјавила 59-годишната ветеранка за британскиот весник.

Кога ја започна својата актерска кариера во акциони и филмови со боречки вештини, Мишел ги снимала повеќето опасни сцени и акробации без каскадери.

Невообичаен развод

Во 1988, Јео стапува во брак со извршниот директор на D&B Films Диксон Пун и се повлекува од глумата. Парот се разведува во 1992 година, но актерката останува блиска со втората жена на Пун, а интересно е тоа што Мишел е и кума на неговата ќерка. По неколку годишна пауза таа се враќа на глумата и станува многу популарна кај кинеската публика.

Бонд девојка

Западниот свет подобро ја запознава по нејзината улога во филмот за Џејмс Бонд Tomorrow Never Dies (1997), како и по улогата во Crouching Tiger, Hidden Dragon (2000).

Во 1999-та на Мишел и била понудена улога во продолжението на Матрикс, но актерката ја одбила. Таа има една од поглавните улоги во драмата Memoirs of a Geisha, се појавува во акционата авантура The Mummy: Tomb of the Dragon Emperor, и во филмот Crazy Rich Asians од 2018-та.

Оскаровката меѓу другите награди е добитничка и на Златен глобус, а во 2020 година беше на листите жена на годината на Time и на BBC. Мишел е дел од повеќе организации поврзани со борба против сидата, а вклучена е и во иницијативи за безбедност на патиштата.

Оскари 2023: „Everything Everywhere All at Once“ ги собра најважните статуетки на престижните филмски награди

ФОТО | Српската актерка го воодушеви Холивуд: Се појави во фустан без градник на оскаровска забава

ФОТО | Лејди Гага, сепак, настапи на Оскарите: Од фустан со откриен задник во искинати фармерки

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот