Животната приказна на Џина Лолобриџида: Италијанката на која убавината ѝ беше проклетство

Џина Лолобриџида / Фото: COLLECTION CHRISTOPHEL / RnB / AFP / Profimedia

Легендарната италијанска актерка Џина Лолобриџида почина денес во Рим, на 95-годишна возраст.

Лолобриџида, која со децении го претставуваше италијанскиот стереотип за медитеранска убавица, речиси целиот свој живот била мета на вљубени додворувачи, но и на измамници кои сакале да го искористат нејзиното име и богатство стекнато во времето на нејзината најголема слава, пишува „Глоси“.

Во една прилика, таа изјавила дека убавината е „товар и проклетство“, но и животната приказна на италијанската актерка покажува дека неодоливата привлечност може да го искомплицира животот.

Џина Лолобриџида е родена како втора од четирите ќерки на предвоен производител на мебел во малиот град Субјако, во регионот Лацио.

Иако не биле многу сиромашни како семејство, таа ја поминала раната младост во прилично скромни услови, со оглед на тоа што цела Италија морала да штеди по завршувањето на војната. Младата Џина ја прифатила ситуацијата и не патела по нешто повеќе.

Кога се запишала на Академијата за ликовни уметности во Рим, неа ја забележал „ловецот“ на таленти од познатото италијанско филмско студио „Синесита“, кое во тие години важело за најуспешно во Италија, но и надвор од земјата.

Кога ја здогледал младата Џина, агентот веднаш сфатил дека нејзината веселост и неверојатна физичка привлечност ја содржат медитеранската енергија, потребна за да ја врати Италија на пиедесталот кога станува збор за естетиката, уметноста и убавината.

„Ја одбив неговата покана за аудиција, но тој инсистираше да дојдам. Не сакав да ја прифатам улогата која ми ја понудија режисерите и продуцентите од студиото, но тие инсистираа да се предомислам. Тие ја замолија мајка ми да ме убеди, велејќи ѝ дека ќе добијам хонорар од илјада лири. Им реков дека мојата цена изнесува милион лири, мислејќи дека тие ќе се насмеат и конечно ќе ме пуштат по мојот пат, но тие се согласија“, се присетила Џина во едно од нејзините интервјуа.

Ла Лоло, како што самата се нарекувала, добивала сѐ бидејќи не ѝ било грижа за ништо.

Уште од самиот почеток, таа лесно го привлекувала внимание на јавноста, можеби токму поради тоа што не го барала тоа. Од друга страна, тоа предизвикало медиумски конструирано ривалство со друга ѕвезда во подем во тоа време – Софија Лорен.

„Целиот тој конфликт го започнаа нејзините агенти и не престана педесет години. Дури и кога ги смени луѓето кои беа задолжени за нејзините односи со јавноста, конфликтот продолжи. Ние две сме многу различни и изградивме различни кариери. Сакав да бидам уметник повеќе од сè друго, да имам кариера на високо ниво“, објасни Лолобриџида своевремено.

Таа била подеднакво доследна и во одбивањето на најмоќните мажи на планетата.

Џина и нејзиниот сопруг Милко / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Џина се омажила за словенечкиот лекар Милко Шкофиќ во 1949 година, со кого го добила синот Андреа Милко Шкофиќ во 1957 година. Нејзиниот сопруг ја напуштил медицината за целосно да се посвети на менаџерската работа во кариерата на Џина. Тие официјално се развеле во 1971 година, по 22 години брак.

Како најпосакувана жена на светот, Џина постојано била на мета на бројни додворувачи.

Еден од нејзините најголеми обожаватели бил легендарниот Хауард Хјуз – милијардер, бизнисмен, пионер на американската авијација, пронаоѓач, филмски продуцент и режисер. Неговата опсесија со Џина започнала во 1950 година, кога ги видел нејзините фотографии во бикини, објавени во тогашните весници.

Во тоа време, таа веќе имала неколку снимени филмови, но сѐ уште не била многу позната надвор од Италија. Хјуз веднаш ја поканил на пробно снимање во Холивуд, каде што раководел со едно од најголемите филмски студија во тоа време. Таа прифатила, очекувајќи дека и нејзиниот сопруг ќе добие покана. Сепак, пред полетувањето од Рим, сфатиле дека Хјуз резервирал билет само за Џина.

„Мојот сопруг ми веруваше. Тој рече: ‘Оди, не сакам еден ден да кажеш дека не ти дозволив да направиш кариера’“, се присетила актерката во едно од своите интервјуа.

Џина Лолобриџида и Мерилин Монро / Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Кога слетала во Лос Анџелес, на аеродромот ја пречекале агентите на Хјуз. Ја однеле во апартман во најлуксузниот хотел „Таун хаус“, каде ѝ дале секретарка, личен возач, професор по англиски јазик и учител по пеење. Таа добила и сценарио за пробно снимање – сцена во која глуми развод. „Интересно“, кратко проколентирала Лолобриџида.

Нејзиниот престој во Америка траел два и пол месеци, период во кој таа упорно ги одбивала додворувањата на Хјуз. Тој, од друга страна, немал намера да се откаже.

„Беше многу висок и многу интересен. Имаше две јакни и еден пар панталони кои секогаш ги носеше. Сè на него беше правливо и валкано, како физички работник.Ги избегнуваше новинарите, па секогаш јадевме во екстремно евтини ресторани, понекогаш дури и во автомобил. Тогаш зборував слабо англиски, а тој ме научи да пцујам.

Имаше премногу разлики меѓу нас. Еднаш му реков: ‘Ако ги изгубиш сите пари што ги имаш, тогаш можеби би се омажила со тебе’. Мислам дека тој беше изненаден затоа што веројатно бев единствената личност што не ја интересираат неговите пари“, изјавила Лолобриџида.

Во тоа време, Милко сфатил дека е време Џина да си дојде дома. За Хјуз конечно да ја пушти да си оди, таа потпишала седумгодишен договор со неговото студио.

„Потпишав за да можам, конечно, да си бидам со сопругот и синот, но тој упорно ме бркаше. Меѓутоа, кога ќе ги погледнам работите од денешна перспектива, можеби требаше поинаку да изиграм. Подоцна сфатив дека Хјуз е многу интересен човек, поинтересен од мојот сопруг“, признала таа години подоцна.

Но, кон крајот на шеесеттите години на минатиот век, таа сфатила дека нејзиниот брак, едноставно, пропаднал. Се шпекулирало дека имала афера со хирургот Кристијан Барнард, а во 1969 година дури и се верила со Георг Кофман, супербогатиот наследник на империјата за недвижнини.

Како и сè друго, крајот на љубовта за неа била најнормалната работа што не треба да се драматизира.

„Луѓето мислеа дека имаме прекрасен брак, а јас не сакав да објаснувам како навистина стојат работите. Куќата беше голема, тој живееше таму последните неколку години, но ние всушност водевме одвоени животи. Кога разводот беше легализиран во Италија, бев меѓу првите жени кои се решија на ваков чекор“, открила Лолобриџида.

Фактот што станала слободна жена ги направило нејзините додворувачи уште поупорни.

Иако во тоа време бил во брак со Грејс Кели, принцот Рејнер со години се обидувал да ја освои.

„Ми се додворуваше дури и пред неговата сопруга и беше крајно непријатно. Секако, му кажав дека тоа не доаѓа предвид. Боже, можеше да го направи тоа малку посуптилно, а не пред неа. Дваесет години беснееше затоа што го одбив, но кога Грејс умре, заборави на сѐ и повторно станавме пријатели“, изјавила актерката.

И покрај сите додворувачи, таа имала проблем да го најде вистинскиот човек за неа.

„Дури и да го најдам вистинскиот, тој бргу ќе побегне од мене. Јас сум пресилна и многу популарна, а важните луѓе сакаат да бидат ѕвезди и не би прифатиле да живеат во мојата сенка“, се пожалила таа.

Во осумдесеттите години, филмската слава на Џина почнала да згаснува. Сепак, таа продолжила да го прави тоа што го дака – фотографијата и новинарството. Таа ги фотографирала Пол Њуман, Салвадор Дали, Одри Хепберн и многу други влијателни луѓе во светот, па дури и успеала да направи ексклузивно интервју со Фидел Кастро.

Џина Лолобриџида и Салвадор Дали / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Потоа кратко влегла во светот на политиката, кога се кандидирала за пратеник во Европскиот парламент. Но, ставила точка на таа приказна и им се вратила на своите уметнички корени и станал скулптор.

Таа се опишувала себеси како осаменичка, посветена на нејзината уметност, и тврдела дека никогаш не правела компромиси, туку секогаш останала независна.

Сепак, нејзиното заминување од големото платно не го довеле во ред нејзиниот љубовен живот. Ниту зрелите години не ја спечиле да биде во центарот на љубовните скандали. Таа започнала романса со значително помладиот впечатлив Шпанец во 1984 година на еден прием во Монако, каде што Џина поседувала вила. Таму го запознала шармантниот и висок Хавиер Ригау е Рафолс.

„Јас имав 23 години, а таа 57. Според мене, тоа е идеална разлика меѓу маж и жена“, изјавил Хавиер на почетокот од 2013 година.

Во октомври 2006 година, парот излегол во јавноста и ја објавил својата претстојна венчавка. Два месеци подоцна, венчавката била откажана, а актерката вината ја препишала на големиот притисок од медиумите.

Меѓутоа, многу бргу се дознало дека тие двајца лажеле за нивното запознавање. Џина открила дека се запознале две, а не дваесет и две години пред веридбата. Тие се сретнале во 2004 година, а во 2006 година го најавиле венчавката. Според Хавиер, тие две децении ѝ давале тежина на врската, а Џина се согласила со тоа.

Но, тоа не е сѐ кога станува збор за овој чуден однос. Во 2010 година, Хавиер се оженил со Џина, односно со лицето кое ја застапувало пред матичарот, а таа немала поим за тоа. Тој тврдел дека актерката сама ги потпишала сите потребни документи и се согласила на бракот и дека го искористил нејзиното непознавање на шпанскиот јазик за да ја натера да потпише нешто што воопшто не го разбирала, користејќи го полномошното што претходно му го дала.

Во 2013 година, Лолобриџида поднела тужби во Италија и Шпанија, оспорувајќи ја венчавката во Барселона, на која присуствувале осум сведоци донесени од Хавиер. Таа целиот чин го нарекла „вулгарна измама“, а тој се заканил дека ќе тужи, давајќи потресна изјава за медиумите – „Ми се крши срцето што гледам дека таа зборува вака за мене“.

Со многубројни непријатни сведоштва, процесот завршил во корист на Лолобриџида.

Поради сѐ што се случувало, синот на Лолобриџида побарал од судот да ѝ се определи полномошник на мајка му за таа да не носи никакви одлуки на нејзина штета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот