ЗХГ: Исфрлањето кучиња на улица создава вештачки проблем, веќе се нафрла терминот „евтаназија“
Од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ побараа активирање на системот „Безбеден град“ преку кој ќе се „ловат“ граѓаните кои на диво прават дотур на кучиња од други општини и додадоа дека токму поради бројните видеа и случаи на исфрлање на животните на улица, се множат и случаите на, како што велат, несакани интеракции животно-човек, како и актуализирање на евтаназијата како решение.
Препорачано
„Бараме веднаш да се активира Безбеден град во функција на наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје. Бараме ригорозно и неселективно казнување на сите што ќе бидат фатени дека го прават ова! Бараме поддршка од вас, драги сограѓани, ако забележите исфрлање кучиња од возило снимајте и фотографирајте со јасно фаќање на регистарските таблици, но од безбедна оддалеченост“, велат од иницијативата.
Македонија исплаќа мало богатство ако ве касне куче, наместо да учи од Холандија
Исто така, од ЗХГ изјавија дека нема да биде првпат, како што велат, да се креира вештачки проблем со носење кучиња од други градови, што според нив создава немир и револт кај населението, кое потоа би било смирено со правење масовна еутаназија како решение за овој проблем.
„Бевме сведоци на дискусија во комисијата за комунални работи на Град Скопје каде што од претставник на актуелното градско раководство се нафрли терминот „евтаназија“, велат од ЗХГ.
Од иницијативата потсетија дека слични вакви случаи имало и во мандатот на Коце Трајановски, за кога обвинија дека ЈП „Комунална хигиена“ масовно труела кучиња низ Скопје.
„Не сме заборавиле дека Комунална хигиена во времето на Коце Трајановски масовно и симултано труеше низ сите скопски општини. Фрлаа отров накај 3 или 4 сабајле и како војска во 5 или 6 поминуваа и собираа лешеви. Не беа само бездомните кучиња, сите памтиме како умираа и домашни миленици во тие дивјачки хајки! Нема погадна смрт од смртта од отров“, се вели во соопштението.
ЗХГ се осврна и на рокадите во управниот и надзорниот одбор на ЈП „Лајка“, за каде велат дека актуелното раководство во Град Скопје ги елиминирало сите до еден активисти освен директорката Радмила Пешева.
„За сега само директорката на „Лајка“ е единствената останата активистка на раководна функција со моќ за одлучување во претпријатието.
Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња како што варварски се правело во минатото, за 6 месеци пак ќе бидат полни улиците со бездомни кучиња и нови на пат. Неодговорни сопственици се проблемот, непостоечки/премали казни, како и што напуштањето миленик не е кривично дело“


