Македонија исплаќа мало богатство ако ве касне куче, наместо да учи од Холандија

скопје Бездомни кучиња
Бездомни кучиња во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Холандија е првата земја во Европската Унија која гордо ја носи титулата „земја без бездомни кучиња“. Како владата на Холандија го постигна ова и што може да се научи од нивниот менаџмент, особено во Македонија, земја каде овој проблем е горлив? Во Холандија кучињата со децении се симбол на престиж и статусен симбол во општеството, а за секое куче што го поседува, сопственикот плаќа годишен данок за куче. Казните за малтретирање на животните достигнуваат и до 16 илјади евра или три години затворска казна. Многу градови во Холандија поставија огромни даноци за кучиња што се купуваат од продавница. Ова природно значеше дека на луѓето повеќе им се исплати да посвојат куче од шелтер центар, отколку да го купат. Бездомно куче според холандските закони е секое куче кое има сопственик и е пуштено да шета слободно без сопственикот, кучиња што се целосно напуштени од сопственикот, кучиња кои немаат сопственик ама за нив се грижи општеството, како и кучиња за кои никој не се грижи и преживуваат самите.

Она кое е уникатно за Холандија е тоа што на бездомните животни се гледа како не само како на здравствена опасност, туку и етички и морален проблем на целото општество. Со мерките кои ги спроведе Холандија, 90 проценти од населението посвои куче. Тоа се еден милион посвоени кучиња. Низ годините, организации за животните, помагаа кон главната цел која сега е остварена – искоренување на бездомните кучиња во Холандија. Организираните програми за вакцинација и стерилизација значително го намалија бројот на бездомни кучиња на улиците, а за релативно малиот број на кучиња што останаа на улица, пронајдени беа домови. Сега, ако бездомно куче е пронајдено на улица во оваа европска држава, брзо се носи во шелтер, додека да му се најде семејство што ќе го посвои. Формулата која очигледно дава резултат е стерилизација барем на 70 проценти од женките и на таков начин бројот на кучиња постепено ќе се намалува на улиците. Кога сето ова ќе се искомбинира со одговорно сопствеништво, регистрација на кучето и сопственикот се доаѓа до успешната холандска приказна.

Зошто успешниот „холандски рецепт“ не е пресликан во Македонија?

 

Момче возело велосипед во парк во близина на бараките на градското собрание и Зоолошката градина, јадело тост, а со едната рака ја држело рачката на велосипедот. Наеднаш пред него се појавило куче скитник кое го гризнало на десната дланка над прстите. Утредента оштетениот со отечена рака отишол во болница на рентген, го пријавил настанот во полициска станица, направил психијатриско вештачење за претрпениот страв и психичка болка, а развил и фобија во ситуации кога сретнувал кучиња.  Граѓанскиот суд донел пресуда Град Скопје и ЈП Лајка да му исплатат 70 илјади денари за несаканиот настан.

Ова е само една од бројните пресуди каде граѓани искасани и повредени од бездомни кучиња добиваат отштети од јавното претпријатие, кое наместо да има повеќе инвестиции за менаџмент и хуман третман на бездомните кучиња, троши значајна сума од својот буџет за да исплаќа штети од незаловените и понекогаш агресивни кучиња кои се постојана глетка во главниот град. Премногу кучиња, премалку пари, неодговорни сопственици што ги оставаат на улица некогашните домашни миленици, а згора на се и тужби од оштетени граѓани поради каснување – тоа е сликата во главниот град. Само во текот на две недели, од 31 јули до 11 август, за време на стратешкото заловување во Гази Баба, заловувачкиот тим на ЈП Лајка залови 58 кучиња.

Во инвестициската програма на ЈП Лајка за 2023 година пишува дека лани, во 2022 година, не успеале да реализираат ниту една инвестиција. Според ЈП Лајка тоа што немаат инвестиции е резултат на немањето пари, како и тоа што граѓаните си ги наплаќаат штетите откако биле каснати од куче не преку спогодби, туку по судски пат. Така, во 2022 година, за отштети потрошени се повеќе од 9 милиони денари, скоро половина од буџетот што „Лајка“ го добива од Град Скопје.

Како што граѓаните каснати од куче доживуваат стресови, така и кучињата во главниот град се изложени на непријателски однос и реваншизам од страна на граѓаните. Лајка има објавено каталог на сите кучиња што ги заловиле и не можат да ги вратат на локацијата од каде што ги зеле. Во прифатилиштето на ЈП Лајка има околу 60 бездомни кучиња кои од определени причини не можат да се вратат на локацијата каде се заловени. Се работи за кучиња кои биле заловени по пријава за каснување, кучиња позитивни на болеста лишманија, кучиња напуштени од своите сопственици, кучиња претставници на доминантни раси и кучиња кои предолго престојуваат во Лајка и ја имаат загубено својата територија. Некои од овие кучиња се скоро 2 години во прифатилиштето на ЈП Лајка и иако активно им се бара дом, нема интерес за вдомување.

Заловените кучиња имаат име, здравствена историја, вакцинален статус и начин на кој што дошле во ЈП Лајка. Најверојатната причина поради која за некои од нив нема интерес за вдомување кај граѓаните е тоа што во самиот каталог за вдомување е наведено дека се агресивни и нападнале луѓе.

Често пати заловувачкиот тим на Лајка во скопските населби најавува дека ќе спроведе стратешко заловување на бездомни кучиња и нивен хуман третман. На социјалните мрежи се повикуваат граѓаните од различни населби каде што заловувачкото комбе ќе помине во тој период, да посочат бездомно куче на 071 219-925. Граѓаните оставаат коментари со пријави.

„По куќите во Ново Лисиче, прашајте кој има пит бул. Газдите го тренираат на маалските кучиња. Питот им е за борба, ќе го пуштат и на човек. Го шетаат без ланец за да ги напаѓа маалските кучиња“ пишува една граѓанка.

Евидентно е дека проблемот со бездомните кучиња перзистира и претставува непријатност за скопјани. Има граѓани кои се пријателски настроени кон кучињата но и такви кои не се, а има и кучиња што се пријателски настроени кон луѓето но и такви кои не се. Билтенот на МВР изобилува со пријави за каснати граѓани од куче, а возачите на велосипед ризикуваат да им се нафрли глутница особено во раните утрински часови. Едноставно, проблемот со уличните кучиња бара многу повеќе пари отколку што Лајка има на располагање. Особено што хуманиот третман за кој што се залага јавното претпријатие претполага и скапи процеси.

И покрај можноста за спогодбено решавање на оштетните барања по каснување, ЈП Лајка и Град Скопје, се уште се соочуваат со голем број на поднесени тужби. Во пракса, сумата на оштета која би ја добило лице по судски пат, неретко е и сума која би ја одредила Комисијата за постапување по барања за надоместок на штета предизвикана од каснувања од бездомни кучиња на граѓани на подрачјето на градот Скопје, па затоа од ЈП Лајка се изненадени од фактот што уште, значителен број лица се решаваат сепак да тужат, што пак од друга страна резултира со зголемени трошоци на постапката: парнични трошоци, адвокатски трошоци, трошоци за извршни дејствија и слично.

„Од тие причини, сметаме дека е потребно да се стимулира спогодбеното решавање на оштетните побарувања, што секако би било од корист и за двете страни, односно оштетеното лице понавремено да ја добие определената сума, а од друга страна Град Скопје и ЈП Лајка да не се изложуваат на дополнителни трошоци, како би можеле добиената средства да се насочат токму за примарната цел, решавање на проблемот преку воспоставувањње на контрола на размножувањето на бездомните кучиња, за доброто на сите“, велат од ЈП Лајка.

Во финансисиот план за 2023 година наведено е дека на Лајка ѝ се потребни инвестиции во опрема за ветеринарната служба од 5 илјади евра, како и да се купат две специјални возила за заловување во вкупен износ од 60 илјади евра. Ако се погледне финансискиот план за годинава, планирани се трошоци за медицински потрошен материјал, ветеринарни лекови, 4.500 вакцини против беснило, разни тестови за дијагностика на лишманија, опрема за кучиња, садови за храна, лежалки, огрлици, мрежи и стапови за заловување, палки за заловување, поводници за кучиња, читачи за микрочипови, хируршки инструменти за абдоминална хирургија, пумпи за дезинфекција, батериски ламби, храна за кучињата итн. Вкупните потребни средства за општи режиски и административни трошоци за 2023 година се речиси 30 милиони денари. Најмногу пари се планирало да се потрошат на исплаќање отштети од тужбите за граѓани каснати од куче како и за ветеринарен третман.

„Највисоки се позициите за дисперзирани ветеринарни услуги на износ од 6 милиони 150 илјади денари. Станува збор за 500 кучиња кои би се третирале во приватните ветеринарни амбуланти по цена од 200 евра за куче. Исто така, висока позиција во оваа група на трошоци се и судските предмети од граѓани каснати од куче, на износ од 10 милиони 332 илјади денари. Станува збор за просечно 20 предмети во еден месец, по износ од 43 илјади денари од предмет“ пишува во финансискиот план.

Премиерот Димитар Ковачевски во јануари годинава изјави дека ќе бара помош од ЕУ за справувањето на бездомните кучиња, преку ИПАРД програмата, за да се изгради стационар кој ќе биде поголем и ќе биде дом за овие кучиња. Но, од ваков голем стационар нема абер, иако е точно дека проблеми со капацитетите има.

-Разговарав со министерот за земјоделство. При следната посета на Брисел со соодветните институции да разговараме за соработка преку ИПАРД програмите ако може да се направи модел односно стационар кој ќе биде некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата туку на локалните власти, за да им помогнеме на граѓаните и на општините со справувањето со овој проблем, бидејќи се работи за навистина голем проблем а гледам дека градоначалничката воопшто не се занимава со него, изјави Ковачевски на 12 јануари годинава.

Земјите во светот со бездомните кучиња се справуваат со хуман третман, но и со нивно убивање иако е помалку популарна мерка и наидува на огромни критики од страна на љубителите на животни. Во Македонија сите кучиња освен тие пријавени за каснување или позитивни на лишманија се заловуваат, се тестираат на неколку заразни болести, се вакцинираат против беснило и се враќаат назад на местото. Лишманија е болест што може да се пренесе врз луѓето.

Од Лајка за „Слободен печат“ велат дека во текот на еден работен ден телефонот постојано ѕвони. Граѓаните најчесто пријавуваат куче без ушна маркица, пријавуваат за нови глутници на кучиња во нивните населби, откажување од домашен миленик, повредено куче и кучиња кои каснале. За секоја пријава се изготвува налог по кој постапува тимот заловувачи. Приоритет се дава секогаш на кучињата кои се пријавени по каснување, а се постапува во најбрз можен рок. Во Лајка има капацитет за 160 кучиња и тој секогаш е пополнет со кучиња кои се во некој дел од процесот на третманот. Трајно, до нивното вдомување се задржуваат кучињата кои се заловени по пријава за каснување и кучињата кои се со откажана сопственост, кои поради тоа не може да бидат вратени на нивната локација на улица. Во моментов такви се 60 кучиња од вкупниот број. Останатиот дел од капацитетот е пополнет од кучиња кои движат, т.е. кои подложуваат на третманот „залови – стерилизирај – врати“.

Од Лајка сметаат дека проблемот мора да се решава од главата, а не од опашката

 

Од ЈП Лајка сметаат дека на простори и територии со прекумерен број на бездомни кучиња, проблемот со кучињата никогаш не може да се реши со отворање на прифатилишта со каков и да е капацитет, затоа што на улица постојано ќе се појавуваат нови и за тие нови повторно ќе треба нови капацитети и така во недоглед. Според нив, таква пракса би можела да се воспостави кога Скопје ќе брои 500 бездомни кучиња на својата територија. Тогаш би можело тие 500 кучиња да се приберат во прифатилиште и лесно да се вдомат, а дури и наредната година да се појават 500 нови, би можело и ним да им се најде решение.

„Но, Скопје има околу 6.000 кучиња, а можеби и повеќе. Таквиот проект за нивно трајно сместување и отстранување од улиците е комплетно неодржлив. Само за храна на 6.000 кучиња дневно троошокот изнесува 216.000 денари. Тука треба да се пресметаат и трошоци за ветеринарна грижа, персонал, струја, комуналии, изградба и одржување на фасилитетот итн. Проблемот е што во Скопје, а и во Македонија „изворот” на создавање на нови кучиња не е затворен, т.е. институциите кои се надлежни не се бават со причинителот на проблемот. Проблемот не можеме да го решаваме почнувајќи од последиците од истиот т.е. од „опашката”. Капацитетот на Лајка би било добро да се зголеми од аспект на тоа да овозможи да кастрираме / стерилизираме што поголем број на бездомни кучиња, т.е. 80 проценти од уличната популација за да се спречи нивното понатамошно размножување. Знаејќи дека од една репродуктивно способна женка за две години се создаваат 200 кучиња, брзината и масовноста во извршување на нашата програма се клучни. При тоа паралелно општините и Агенцијата за ветеринарство како надлежни треба да се посветат на креирање мерки и соодветна законска регулатива за решавање на изворот на проблемот, за методата „Залови-стерилизирај-врати“ на локација да даде резултати, до конечно снемување на бездомни кучиња на улиците. Доколку сите скопски општини чии проблем им го решаваме би ги подмириле своите обврски кон ЈП Лајка тогаш би имале можност да го зголемиме нашиот капацитет и персонал, а со тоа би можеле повеќе кучиња да го поминат хуманиот третман и да бидеме поефикасни во секој аспект“, велат од јавното претпријатие за „Слободен печат“.

Многу од кучињата кои се пријавени за каснување, успешно го поминуваат тестот за социјализација и се вдомени. Овие кучиња најчесто се вдомуваат преку здруженијата за заштита на животните надвор од нашата држава. Процесот трае подолго бидејќи транспарентно Лајка објавува дека кучињата се заловени за каснување, но кога ќе дојдат луѓе кои се заинтересирани за вдомување и ќе ги запознаат овие кучиња, тогаш немаат проблем да им пружат дом.

-Да напоменеме дека не сите кучиња кои се пријавени за каснување, навистна каснале човек, некои од пријавите се лажни, а со тоа овие кучиња остануваат во нашето прифатилиште до крајот на нивниот живот или се дур не се вдомат, велат оттаму.

Секоја недела ЈП Лајка заловува стратешки во одредена општина, па се поголем број бездомни кучиња го поминуваат третманот на кастрација и стерилизација. За секое куче кое е заловено или донесено во прифатилиштето се отвара евидентен лист, на кој стојат податоците од тоа куче, локацијата од каде е заловено, на која дата и доколку е пријавено од граѓанин и контакт телефон од пријавувачот.

-Кучето откако ќе влезе во нашето прифатилиште првите два дена е сместено во карантин каде му се прави општ ветеринарен преглед, му се зема крв за анализа и тестови, се прочистува од внатрешни и надворешни паразити. Потоа на кучето му се прави тест за социјализација, го фотографираме и го објавуваме за вдомување. Следна фаза од третманот е кастрацијата /стерилизацијата, по што преминува во одделот за интензивна нега и пост-оператива каде останува колку што му е потребно до закрепнување. Понатаму кучето оди во оделот вдомување од каде доколку нема интерес за него, го враќаме на истата локација од каде што било заловено. Во текот на третманот кучето се вакцинира против заразни болести и беснило, му се доделуваат ушна маркица, микрочип и му се отвара пасош. Во текот на целиот овој процес се трудиме максимално да им го олесниме престојот на кучињата и да го направиме што помалку стресен за нив, објаснуваат од јавното претпријатие.

Третманот трае од 14 до 30 дена, зависно од здравствената состојба на кучето.

Проблемот е во тоа што стационарот е премал да ги згрижи сите кучиња на кои им е потребен, а масло во огнот додаваат и луѓето што си ги напуштаат домашните миленици. Додека ЈП Лајка ги собира, граѓаните ги фрлаат своите миленици секој ден. Така на улиците може да се забележат раси на кучиња што не можат да се вратат на улица, зашто не можат да се снајдат. Има многу малку казни за напуштен миленик, чипирањето е законски дозволено ама многу луѓе не ги чипираат животните и сега работата е стигната до таму да кучиња од борби да бидат фрлени по улиците а не им се знае потеклото. Во Велика Британија има формулар да се врати напуштено куче како и за посвојување. Таму повеќе организации се ангажирани околу грижата за бездомните животни, преку чипот се прави обид да се лоцира сопственикот доколку кучето се загуби, а ако тој не биде пронајден тогаш се вдомува во стационар. За жал, и во Британија дел од здравите кучиња се еутанизирани, но проблемот е главно решен, затоа што има многу организации кои заеднички работат на проблемот. Така, и кучињата се згрижени и граѓаните безбедни.

Според Светската здравствена организација во светот има 200 милиони бездомни кучиња. Импресивно, Холандија нема удел во оваа статистика и стана првата земја во светот без бездомни кучиња. Холанѓаните ги обожаваат нивните миленичиња, кучињата се возат во корпите во предниот дел од велосипедите, поголемиот дел од рестораните и кафетериите примаат кучиња, а малите раси може да се возат во јавниот транспорт по симболична цена. Се плаќа годишен данок за куче до општините. Во 2016 година холандската влада успеа да ги исчисти улиците од бездомни кучиња преку нивно спасување преку методата собирање, стерилизација, вакцинација, идентификација и враќање. Исто така покачени се даноците за кучиња купени во продавница што ги охрабрило луѓето да вдомуваат кучиња.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот