Жерар Депардје ќе се соочи со судење за силување во Франција
Францускиот актер Жерар Депардје ќе мора да се појави пред кривичен суд поради обвиненија за силување, јавија француските медиуми, а пренесе „Дедлајн“.
Препорачано
Одлуката на судијата доаѓа седум години откако актерката Шарлот Арнулд во 2018 година официјално поднесе тужба против Депардје. Таа го обвинува дека двапати ја силувал и сексуално ја вознемирувал во неговата париска вила, во летото 2018 година, кога отишла кај него за актерски совети.
Кривичниот суд е највисоко ниво на судска инстанца во Франција, каде се судат дела за кои казната е над пет години затвор, доколку обвинетиот биде прогласен за виновен.
Веста за новото судење доаѓа четири месеци по тоа што париски суд го прогласи Депардје за виновен за сексуален напад и му изрече 18-месечна условна казна, поради неговото однесување кон две жени за време на снимањето на филмот „Зелените ролетни“ (The Green Shutters) во 2021 година.
Ова беше прво судење на славниот актер, и тоа во период кога против него се изнесени најмалку 20 јавни обвиненија за сексуално несоодветно однесување, кои датираат со децении, но поголемиот дел излегоа во јавност само последниве години.
Депардје ги негира сите обвиненија против него.


