Женскиот младински хор при МКЦ ќе одржи концерт во Прилеп

Фотографија: Промо

Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 9 ноември, од 20 часот, концерт ќе одржи Женскиот младински хор при МКЦ од Скопје. Диригент е Сашо Татарчевски. Концертот е со наслов „Jazz To Voice“ и е во рамките на годишната програма на Центарот за 2023 година поддржана од Министерството за култура.

Диригентот Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје, а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург.

Има настапувано со голем број ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Камерниот оркестар на Битола, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, „Солисти на ФМУ“ и други камерни и симфониски состави.

Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации, како „Охридско лето“, Денови на македонска музика, „Интерфест“, „Скопско лето“ и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Словачка, Босна и Херцеговина, Турција, Русија, Австрија, Полска и Франција.

Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ – Скопје, уметнички раководител на професионалниот хор „Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ. Член е на неколку комисии на интернационални хорски натпревари, како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Од своето формирање во 1972 година па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разновиден репертоар, ансамблот покажа дека и пејачи-аматери можат да постигнат високо професионални резултати.

Освен редовните концерти во Скопје, хорот учествува во разни проекти соработувајќи со други ансамбли и млади композитори. Како резултат на таквата соработка беа издадени две ЦД-а – „Дискреирање на мантра“ и „ФИРОМ Реквием“ со снимки од праизведбите на новосоздадени композиции во изведба на Женскиот младински хор, камерен оркестар, удиралки и лента под диригентство на Сашо Татарчевски.

Во изминатите повеќе од 50 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински македонски културен амбасадор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот