„Жена“ на Антониа Гиговска прогласена за најслушана песна на „Макфест“
Шест млади надежи влегоа во вечерта на звездите на 40-тото издание на фестивалот „Макфест“, кој започна вчера вечерта во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Стефан Ефремов, Агни Авшар, Елена Наумовска, Дино Периќ, Дорис Ди и Катерина Јовановиќ се новите ѕвезди, кои ќе настапат вечер заедно со популарните имиња од македонската естрада.
Препорачано
– Вечерва ќе се почне со Стефан Ефремов, Агни Авшар, Елена Наумова, Дино Периќ и Дорис Ди, кои во првиот блок ќе ја отворат вечерта. Во вториот блок ќе настапат Катерина Јовановиќ, Марија Атанасова, Јанг Дади, Мартинијан Кириловски и Ана Петановска. Третиот блок се Јуле Николовска, Лара Иванова, Коки Јанков, Павле Камилоски и Димитар Андоновски, додека во четвртиот блок ќе настапат Зоран Ванев, Тамара Волчевска, Зоран Илиев, Дејан Тасев и Симона Поповска. Значи вечерашната вечер е составена од 20 изведувачи – рече креативниот директор Јован Јованов.
Јованов откри дека годинава за најслушана песна меѓу двата фестивала е прогласена „Жена“, кој минатата година ја отпеја Антониа Гиговска.
На овој „Макфест“ ќе се случи еден куриозитет, а тоа е што има изведувачи и автори кои се под 20 години, но и над 80.
– Овој пат за 40 јубилеј ми е драго што се случува ова. Меѓу учесниците и авторите има над 50 разлика во години. Вчера настапија учесници под 20 години, а утре ќе настапи Мики Јовановски Џафер со над 70 години. Исто е и кај авторите. Имаме автори со 19 години, но имаме и автор, како што е Григор Копров со над 80 години. Еден куриозитет, кој ретко се случува. Има блгодарам на сите кои вчера настапија, влегоа одлични шест вокали за вечер и со останатите 14 мислам дека ќе имаме одлична вечер – рече уметничкиот директор Роберт Саздов.
Авторот Илија Ќосевски, кој го води оркестарот, на денешната прес-конференција, рече дека по звршување на првата вечер фестивалот добил многу пофални коментари.
– Ги имаме најдобрите коментари за оркестарот и се надеваме дека денес и утре ќе се ужива во уште поубави песни и оркестрирани аранжмани. Се надевам дека со години ќе растеме и ќе достигнеме од камерен оркестар, да станеме оркестар. Сакам да се заблагодарам на семејството на Филип Стевановски за поддршката, бидејќи оркестарот е формиран од него. Неговото дело ќе го одржуваме во иднина и ќе го надградиме, како што имаше желба и тој. Моето прифаќање за водењето на оркестарот беше доста тешко. Со тоа што широката јавност го знаеја Филип како еден од поенергичните уметници, беше застапен на многу места. Оваа работа е доста тешка, но сите тимски со раководството и сите музичари, кои се нафатија да бидат дел од овој оркестр се заслужни. Да го славиме и да ја негуваме македонската музика. Сме размислувале и идеите се дадени оркестарот да го носи името „Филип Стевановски“, но за тоа треба да одлучи семејството. Се надеваме дека на следното издание оркестарот ќе биде под негово име – рече Илија Ќосевски.
Водители на фестивалот и вечерва се Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски. МВТ на првата програма од 20 часот ќе врши директен пренос.


