Фото: Скриншот / Икс / Global Dissident

Згасна животот на девојката од Шпанија која се избори за право на евтаназија

Вчеравечер, желбата на 25-годишната Ноелија Кастиљо за асистирана смрт беше исполнета и таа починала во медицинска установа во местото Сант Пере де Рибес, во провинцијата Барселона.

Девојката од Шпанија, која со месеци водеше правна битка со својот татко за правото на евтаназија, откако била сексуално нападната и останала параплегична, на крајот го заврши животот според сопствената волја, преку асистирано самоубиство, објави „Гардијан“.

Ноелија Кастиљо се соочуваше со психијатриски проблеми уште од тинејџерските години и во октомври 2022 година се обидела да си го одземе животот по сексуалниот напад. Последиците биле постојана болка и користење инвалидска количка. Осумнаесет месеци подоцна, таа се повикала на шпанскиот закон за евтаназија, воведен во 2021 година, за да добие дозвола да го прекине животот.

Но, нејзните обиди да добие евтаназија беа оспорувани од нејзиниот татко и од „Кристијан лојерс“, ултраконзервативна група што го поддржувала. Тие тврделе дека поради нејзината психијатриска состојба, таа не може целосно информирано да донесе таква одлука.

Претходно овој месец, по речиси две години правни спорови низ регионалните и националните шпански судови, Европскиот суд за човекови права го одбил барањето на таткото постапката за евтаназија да биде стопирана.

Вчеравечер, желбата на 25-годишната девојка за асистирана смрт беше исполнета и таа починала во медицинска установа во местото Сант Пере де Рибес, во провинцијата Барселона.

Трагичниот случај на Кастиљо пак отвори дебата

Случајот на Кастиљо привлече големо внимание во јавноста и повторно ја отвори дебатата за евтаназијата. Според најновите податоци на шпанското Министерство за здравство, 1.123 луѓе извршиле асистирано самоубиство меѓу јуни 2021 година, кога стапи во сила законот, и крајот на 2024 година.

Според законот, секое полнолетно лице со медицински потврдена „тешка и неизлечива болест“ или „тешка, хронична и онеспособувачка состојба“ може да поднесе барање за евтаназија, ако во моментот на барањето е свесно и способно да одлучува.

Законот ја дефинира тешката и неизлечива болест како состојба што предизвикува постојано и неподносливо физичко или психичко страдање, без можност за олеснување што човекот би го сметал за подносливо, со ограничен животен век и во услови на постепено влошување.

Кандидатите мора да поднесат две писмени барања и да поминат консултации со медицински професионалци кои претходно не биле вклучени во случајот, пред нивното барање да биде одобрено од регионална комисија составена од експерти.

Законот дозволува два начина на асистирана смрт: директно давање смртоносна супстанција од овластен здравствен работник, или препишување или обезбедување таква супстанција на пациенти кои сакаат самите да го завршат животот.

ВИДЕО | Тажна приказна од Шпанија: Девојка, жртва на групно силување во детството, ќе биде доброволно евтаназирана

„Сакам мирно да заминам“

Во телевизиско интервју снимено неколку дена пред смртта, Кастиљо, која била на психијатриски третман од 13-годишна возраст и повеќепати претходно се обидела да си наштети, ја бранеше својата одлука, велејќи дека тоа е нејзин избор.

— Сакам само сега мирно да заминам и да престанам да страдам. Тоа е сè… нема ништо што сакам да го правам. Не сакам да излегувам, не сакам да јадам, не сакам ништо да правам. Отсекогаш сум се чувствувала сама затоа што никогаш не сум се чувствувала разбрана… пред да побарам евтаназија, мојот свет беше многу темно место и предвидував многу мрачен крај. Немав цели, немав стремежи, ништо — и сè уште немам — изјавила таа за „Антена 3“.

Кастиљо изјавила дека е уморна од тоа другите да зборуваат за нејзиниот живот, а да не знаат ништо за него.

— Рекоа дека само лежам во кревет, но јас станувам од кревет и сама се туширам. И сама се шминкам… конечно успеав. Да видиме дали сега ќе можам да се одморам, затоа што веќе не можам. Не можам повеќе со ова семејство, не можам повеќе со болката и не можам повеќе со сè што ми го измачува умот — додала таа.

Кастиљо истакнала дека одлуката ја донела за себе и не сакала да биде гледана како пример за никого. „Не сакам никој да оди по моите стапки. Не сакам да има луѓе што ќе прашуваат како функционира процесот затоа што сакаат евтаназија и сакаат да знаат како се прави тоа“, рекла таа.

— Не сакам да мислат на тоа. Само чувствувам дека мојот живот е мој живот и дека не сум пример за никого, ниту за добро, ниту за лошо. Тоа е само мојот живот и толку — додала таа.

Организацијата „Кристијан лојерс“ одржала прес-конференција пред болницата каде што Кастиљо починала во четвртокот навечер, за повторно да го истакне своето противење на законот за евтаназија и да понуди молитви за нејзината душа и за нејзиното семејство.

„Случајот на Ноелија го потресе целиот свет. Законот за евтаназија мора да биде укинат. Секој живот треба да се брани, а не да се напушта“, соопшти организацијата на социјалните мрежи.

Уругвај е првата латиноамериканска земја што дозволува евтаназија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот