Володомир Зеленски / Фото: Profimedia

Зеленски вели дека никогаш нема да се согласи да ја предаде територијата на Русите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски подготвува јасен ултиматум за следната фаза од мировните преговори со Русија – Украина нема да се откаже од ниту еден дел од својата територија во замена за мир. Ова го изјави главниот украински преговарач и најблизок соработник на Зеленски, Андриј Јермак, во ексклузивно интервју за американското списание „Атлантик“.

„Ниту еден нормален човек денес не би потпишал документ со кој се откажува од територијата“, рече Јермак.

Тој нагласи дека Зеленски нема да потпише ниту една спогодба која подразбира територијални отстапки: „Уставот го забранува тоа. Никој не може да го стори тоа без да оди против украинскиот народ“.

Украинскиот тим побара средба со американскиот претседател Доналд Трамп овој викенд, но тој најпрво го испратил својот пратеник Виткоф во Москва за разговори за ревидираните услови со Кремљ.

Руската страна, пак, преку министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, најави дека нема да отстапи од своите главни барања, меѓу кои се и територијалните претензии кон Донецк и други региони на истокот и југот на Украина.

Трамп и Путин последен пат разговараа за условите за мир во август во Алјаска. Планираната средба во Будимпешта во октомври пропадна откако Лавров зазеде непопустлив став на подготвителните преговори со Марко Рубио, кој го советувал Вашингтон да не продолжува со нов претседателски самит.

Мировниот процес повторно се активираше овој месец, во момент кога масовен корупциски скандал го наруши рејтингот на Зеленски во Украина и на Запад. Истрагата на Националното биро за борба против корупција откри случаи на изнудување и перење пари во висина од околу 100 милиони долари, во кои се вмешани владини функционери и поранешен бизнис-партнер на Зеленски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот