Здруженијата со провокативни имиња најмногу им наштетија на Бугарите во земјава, оценува Османи

Фото: МИА

Наместо коментар за случувањата со здружението „Цар Борис Трети“ за кое денеска треба да се знае дали ќе биде избришано од Централниот регистар, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека е потребна постојана комуникација со бугарската заедница во земјава за да ѝ се објасни дека отворањето клубови со провокативни имиња најмногу им штети на нив самите.

Одговарајќи на новинарски прашања, Османи кажа дека парламентарните избори во Бугарија на втори април нема да коментира теми кои се однесуваат на односите меѓу Скопје и Софија, бидејќи како што истакна таму политичарите се во кампања, а во такви ситуации го губат разумот и даваат изјави на кои потоа самите стануваат жртви.

„Јас кажав дека во овој период внимавам во однос на коментарите во врска со односите со Бугарија заради изборите таму, затоа што видовме во минатото дека политичките партии во кампања го губат разумот, даваат ставови кои на моменти изгледаат како да се во функција на кампањата меѓутоа по изборите политичарите стануваат жртви на сопствените ставови искажани во кампања. Така нашето прашање во Бугарија стана субјект на ставовите кои бугарската политика ги изгради во овие чести кампањи кои ги имаше во последните две години и затоа внимавам барем до втори април да не го коментирам“, изјави Османи.

Но, тој сепак напомена дека акциите за отворање на клубови и здруженија со провокативни имиња најмногу и наштетија на самата бугарска заедница во земјава.

„Ние имаме интерес бугарската заедница да се чуствува добро во својата држава, во Република Северна Македонија, да си ги има сите свои права, меѓутоа и обврски кон државата и кон останатите граѓани. Знаејќи го нашето искуство кое не беше лесно во интегрирањето на заедниците во една функционална мултиетничка демократија која ја изградивме и сме горди и препознаени во светот по тој квалитет мислам дека и бугарската зедница треба да учи од тоа претходно искуство дека само стекнувајќи ја довербата на граѓаните, стакнувајќи ја довербата на останатите заедниците ќе можат да бидат рамноправни во оваа наша заедничка држава. Се надевам дека ќе се воспостави редовна комуникација и бугарската заедница ќе може слободно да формира и клубови и да се здружува, меѓутоа на начин од кој нема останатите граѓани да се почувствуваат навредени и провоцирани“, додаде Османи.

Според него, дел од бугарската заедница во земјава е жртва на нечии злонамерни цели. Тој уште кажа дека овие ставови ги кажува и пред претставниците на земјите членки на Европската Унија, а дополнителна вредност е што доаѓаат од човек од кој не е од мнозинската заедница во државата.

„Јас се надевам дека ќе се воспостави една редовна комуникација во која ќе се сфати дека во оваа држава заедниците како во ниедна друга држава која јас ја знам не ги уживаат своите и колективни права и тоа доаѓа од човек кој не доаѓа од мнозинската заедница и тоа има дополнителна вредност затоа што го кажѓува човекл од вотората по големина заедница во државата и тоа го зборувам и пред земјите од Европската Унија и се разбира моето кажување има поголем кредибилитет кај нив бидејќи стандардно мнозинските заедници секогаш ја бранат својата позиција во однос кон помалите заедници. Но, кога тоа доаѓа од другите тоа има поголема тежина, а јас тврдам дека Република Северна Македонија има едно такво ниво на индивидуални и колективни права кои можат да послужат за пример не само во регионот туку и пошироко“, рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот