Заврши рокот за пријавување за набавка на јаглен: Понудите ќе се отвораат во среда, не се откриваат фирмите

Фото: Архива

Заврши јавниот повик за набавка на јаглен за потребите на ЕСМ.  Од компанијата не откриваат дали тендерот бил успешен, само информираат дека нема да има ново пролонгирање на рокот. Од ЕСМ исто така не откриваат кои и колку компании се јавиле на тендерот, а понудите ќе се отвораат во среда. Јавниот повик за набавка на јаглен за термоцентралите, веќе еднаш беше пролонгиран, а  рокот за пријавување беше до 18 октомври, објави Канал 5.

За стабилна зима и производство на енергија Владата реши да ги активира ТЕЦ Осломеј и третиот блок на РЕК Битола, а како резерва се најавува и ТЕЦ Неготино. Со јавниот оглас се бараат 1,2 милиони тони јаглен за потребите на термоелектраните Битола и Осломеј. Продолжувањето беше на барање на странски компании, за да можат да доставаат комплетни понуди, рекоа од ЕСМ. Оттаму посочија дека нивниот план е да набават јаглен и се надеваат дека постапката успешно ќе заврши.

– Продолжува засилениот ископ на домашен јаглен, но за да можат во краток рок да се вклучат максималните капацитети на термоелектраните согласно моменталните потреби на стопанството за поевтина електрична енергија, потребно е да се набави јаглен и сметаме дека постапката успешно ќе се реализира – ја образложија набавката од ЕСМ.

Инаку, заклучно со 13 октомври, до кога беше првиот рок за достава на понудите, фирми од Македонија, Грција и Косово пројавија интерес да достават понуда на тендерот за набавка на јаглен. Не се знае колку ќе чини набавката, но опозицијата изнесе проценка од над 50 милиони евра.

Во меѓувреме цената на струјата руши рекорди на светските берзи, а владини тимови кројат планови како да им се помогне на граѓаните и на стопанството.  И Европската комисија објави мерки и препораки кои треба да ги преземат државите. Цената на струјата за домаќинствата во земјава, може да се гарантира само до Нова година.

Изминатите 8 месеци цената на струјата на берзите бележи енормен раст и е за дури три пати зголемена во овој период, па од 56 евра за мегават час порасна до речиси 180 евра за мегават час.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот