Заврши европското лето за Вардар со дебакл во Лозана во Конференциската лига на УЕФА
Денеска во реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА фудбалерите на Вардар убедливо се поразени со 5:0 на гости против Лозана.
Препорачано
Во првиот дуел одигран во Скопје играчите на тренерот Гоце Седлоски триумфираа со 2:1, но тоа ни од далеку не беше доволно за пласман во следната фаза.
Резултатот од првите 90 минути даваше надеж дека Вардар ќе може да се надева на уште еден добар натпревар, поволен резултат и во Швајцарија, но противникот се покажа и излезе како поквалитетен во овој двомеч.
Одбраната на Вардар особено во текот на првото полувреме целосно потфрли, домаќинот ја искористи секоја „дупка“ во дефанзивниот дел на македонскиот претставник, казнуваше и постигнуваше голови.
Лозана веќе по половина час игра успеа да ја анулира негативата, најпрвин водство донесе Дусен во 16 минута. Вардар имаше одлична можност само две минути подоцна да дојде до израмнување, голманот на Лозана Летица најпрвин го одбрани ударот на Мато, одбиената топка дојде до Омерагиќ кој од самиот петерец можеше само да бира каде да шутира, но повторно Летица беше на висина на задачата.
Лозана продолжи да напаѓа, вториот нејзин погодок дојде во 33 минута преку Сене, а истиот фудбалер пред паузата се погрижи и за 3:0.
Ништо не се промени ни во второто полувреме, Вардар тешко доаѓаше до нова шанса. Во 55 минута следуваше нов гол за Швајцарците, по еден изведен корнер на домаќините топката дојде среќно до Ајдини кој стрелаше за 4:0.
Вардар можеше да дојде барем до почесен погодок, во 78 минута Кастенада се обиде да го совлада Летица, но голманот на Лозана на вечерашната пресметка не дозволи ниту еднаш да биде затресена неговата мрежа.
Конечниот епилог го постави Траоре во 84 минута за радост кај неговите соиграчи и домашните навивачи. Така, Лозана со вкупен резултат 6:2 оди во третото квалификациско коло на Конференциската лига каде ќе се сретне против Астана од Казахстан која со вкупни 3:1 го елиминираше молдавскиот Зимбру.


