Запленети „епл“ часовници заменети со евтини копии, оригиналите пронајдени при претрес на скопска мобиларница
Скопска мобиларница – увозник на мобилни уреди, откако била фатена во обид за криумчарење „епл“ часовници, по претходен договор и со помош на други лица ги заменила запленетите часовници со евтини копии, а оригиналите ги ставила во продажба во сопствениот салон.
Препорачано
-По налог на јавен обвинител извршен е претрес каде се пронајдени оригиналните часовници вредни 570 илјади денари – предмет на криумчарење. Против шест физички и две правни лица е поднесена кривична пријава за криумчарење, прикривање стока предмет на криумчарење и злоупотреба на службена положба – објави Царинската управа на Македонија.
Случајот е откриен на Меѓународен аеродром Скопје од страна на мобилен царински тим од Одделението за оперативни работи, при детална контрола на пратка со „епл таблети“ од Дубаи која била наменета за македонска компанија која се занимава со продажба на мобилни уреди.
При прегледот на документацијата и контрола на стоката, инспекторите при отворање на еден од пакетите со ознака „епл таблети“ откриле вкупно 20 паметни часовници кои не биле опфатени со увозната царинска декларација. Часовниците се привремено одземени и оставени во безбедносен сеф сè до донесување наредба од страна на јавен обвинител. Уште истиот ден, други лица кои имале пристап до сефот, сега осомничени, го отклучиле сефот и запленетите часовници ги замениле со евтини копии, а оригиналите му ги предале на увозникот.
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги спроведе темелна истрага при што по налог на јавен обвинител е извршен претрес на мобиларницата каде што се најдени оригиналните часовници. Извршени се соодветни предистражни дејствија и форензика на прибавените доказни материјали, по што е поднесена кривична пријава против осум лица.
Во 2025 година од страна на Одделението за оперативни работи извршени се детални 8.177 царински прегледи при што се остварени вкупно 271 случаи на заплени.
Во 2025 спречен шверц на вкупно четири тони храна, информираат од Царинската управа


