Западните челници сметаат дека американскиот план за Украина треба да се разработи
Челниците на 11 земји и ЕУ во заедничка изјава тврдат дека американскиот план за Украина бара дополнителна работа. Ова е заклучокот на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург. Американскиот мировен план според нив е основа што понатаму треба да се разработи, но поединечните точки и ограничувањата за украинските вооружени сили се загрижувачки. Се повторува дека „границите не смее да се менуваат со сила“. Во Киев има загриженост за мировниот план зашто со него Украина се откажува од дел од територијата, прифаќа намалување на големината на својата армија и се откажува од членството во НАТО, а Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим.
Препорачано
Во изјавата стои дека нацрт-планот од 28 точки е темел кој бара дополнителна работа, а челниците истовремено изразуваат загриженост поради предложеното ограничување на украинските вооружени сили, што би ја направило Украина ранлива на идни напади.
Декларацијата ја потпишаа во име на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите Марк Карни од Канада, Михал Мартин од Ирска, Џорџа Мелони од Италија, Санае Такаичи од Јапонија, Дик Схоф од Холандија, Педро Санчез од Шпанија, Кир Стармер од Обединетото Кралство и Јонас Гар Сторе од Норвешка.
Од друга страна, Украина би добила западни безбедносни гаранции за спречување на идни руски напади.
Планот предвидува и огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обновата на разурнатата земја.


