Законот за забрана на пластичните кеси, се изигрува со сечење на рачките

Пластични ќеси за пазарење 3
Пластични кеси за пазарење - фото: Драган Митрески - Слободен печат

Екологистите не се согласуваат дека драстично е намалена употребата на пластиката од кесите

Речиси 2 милиони евра се собрани од продажбата на биоразградливи кеси и тоа неполна година, откако во трговијата стартуваше забраната за продажба на пластични кеси. Од први јануари годинава една биоразградлива кеса чини 15 денари, а уште поскапи се торбите за повеќекратно пазарење со логоа на трговските синџири. Сепак, од Министерството за екологија за „Слободен печат“ велат дека драстично е намалена употребата на пластиката од кесите, а собраните средства ќе се инвестирале во садови и контејнери за индивидуални домаќинствата по општините.

-На овој начин ќе им помогнеме на општините да воведат примарна селекција на отпадот – велат од МЖСПП.

Но, Иницијативата за ослободување од еднократна пластика, смета дека како и при првата забрана од 2013, и по забраната од 2021, продолжила употребата на пластичните кеси.
-Како да не постои законот и како да не постои проблемот на загадувањето со пластика – соопштија од Иницијативата. Тие се повидкуваат на статистички податоци дека во 2021 година е произведено енормно количество од 5.800 тони пластични кеси и вреќи, односно секој ден по неверојатни 16 тони, а ваквото екцесивно производство и потрошувачка на пластични кеси со несмалено темпо, продолжило и годинава.

Според Иницијатива за ослободување од еднократна пластика, единствениот позитивен исчекор што е направен е во однос на т.н. биоразградливи пластични кеси кои се продаваат на каса.

– Иако продолжи употребата и на овие кеси, намалувањето е очигледно. Тоа се должи, покрај на цената што се наплаќа за нив, и на знаењето на граѓаните дека постои алтернатива за користењето пластични кеси, имено, платнените торби – се посочува во соопштението. Но, ваквото подобрување, како што велат од Иницијативата, не се отсликува кај употребата на останатите пластични кеси, каде по краткотрајното почитување на законот, следуваше враќање на забранетите пластични кеси, често придружено со трагикомичниот обид за изигрување на законот преку сечење на рачките.

Да потсетиме дека производителите на кеси ќе имаа можност до 1 јуни 2023 година да ги направат промените на новите законски услови за производство на биоразградливи кеси. Според законот, производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.

Од јули 2021 година, ЕУ ја забрани употребата на сламките, пластичните чинии и прибори за јадење, чепкалките за уши. Забранети се дури и пластични држачи за балони, стапчиња за мешање коктели. Планот е до 2030 година целиот пластичен отпад во ЕУ да може да се рециклира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот