Захариевски: Ако ни се укаже шанса, Струга Трим Лум ќе ја зграби титулата

Фото: ФК Струга Трим Лум

Струга Трим Лум стана изненадувачки есенски првак во Првата македонска лига, а тренерот на тимот Срѓан Захариевски зборува за амбициите во пролетниот дел. Стружани не се гледаат како фаворити за титулата, но, ако им се укаже шанса, нема да ја пропуштат. Целта им е да изборат учество во европските натпревари идната сезона

Струга Трим Лум е есенскиот првак во Првата македонска лига, што е првпат во временски краткото прволигашко искуство на клубот. Tоа во овој колектив го оценуваат како историски успех. Тренерот на Струга Трим Лум, Срѓан Захариевски (49), има свој дел од заслугата за овој успех. Тој смета дека иако неговиот тим е есенски првак, сепак не е главен фаворит за титулата на крајот на првенството. Но, Срѓан потенцира дека ако се укаже шанса, тимот е подготвен да ја зграби и првпат да ја освои титулата.

– Ова е историски момент за Струга Трим Лум. Откога постои клубот (седум години н.з.), дојде еднаш до европско учество. Сега на пат сме да обезбедување второ европско учество и може да се каже дека оваа есенска титула е историски успех – вели Захариевски.

Струга Трим Лум пред две сезони учествуваше во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА каде беше елиминирана од летонска Лијепаја во првиот круг. Но, тоа беше историско прво учество на овој клуб во Европа.

– Секако дека не очекувавме на почетокот на сезоната да бидеме есенски прваци. Немавме фаворитска улога за титулата, ја немаме и сега. Фаворити се пореномирани клубови пред нас, но добрите настапи во есенскиот дел нè донесоа до ова место (на стартот на сезоната клубот имаше осум победи во првите осум кола н.з.). Не се занесуваме ни од почетокот, а ни сега, за шампионска титула. Одиме од натпревар во натпревар, сакаме да се надигруваме со сите. Таков ќе ни остане концептот и за понатаму. Секако, ако ни се укаже шанса, зошто да не и титула – вели Захариевски.

Тој објаснува дека амбицијата им е да изборат излез во Европа.

– Улогата фаворити за титулата ја имаат Шкупи и Шкендија, затоа што располагаат со добар буџет, организација и квалитени играчи. Но, ќе се надигруваме со сите, па и со Шкупи и со Шкендија. Секако, сакаме да сме шампиони, ако ни се укаже шанса, ќе гледаме да ја зграбиме. Конкурентни сме и во Купот на Македонија каде сме во полуфиналето. Примарен ни е пласман што обезбедува европски натпревари – вели Захариевски

Тренерот го објаснува начинот на работа во Струга Трим Лум.

– Добро работиме. Струга е мал град, изолирани сме и приоритет на сите играчи е само фудбалот. Имаме добра структура во клубот. Газдите се стопанственици, не се мешаат во клубот. Ги имаме сите услови. Атмосферата е одлична. Се надеваме дека така ќе продолжи и дека ќе бидеме конкурентни за место во Европа – вели Срѓан.

За пролетниот дел Струга Трим Лум размислува и за засилувања.

– Ќе ни требаат две-три добри засилувања. Подготовките ќе ги започнеме во Струга, па ќе се преселиме во Анталија. Таму ќе бидеме околу две недели, па се враќаме во Струга. Се надеваме дека на 19 февруари (стратот на пролетниот дел н.з.) ќе бидеме максимално подготвени – вели тренерот.

Овој млад колектив, практично за само три сезони настапи во Првата лига има забележителни резултати.

– За овие неколку сезони, ако избориме двапати настапи во Европа, тоа е успех за целиот регион, а не само за нашиот клуб– смета Срѓан Захариевски.

Струга Трим Лум на зимската пауза отиде како прв на табелата со три бода предност пред Шкупи, а третопласираната Шкендија заостанува девет бода…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот