Заев со амбасадорите на земјите членки на ЕУ: Дијалогот со Бугарија е важно да продолжи оти Македонија нема алтернатива за членство во Унијата

Премиерот Зоран Заев на вчерашниот редовен годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите-членки на ЕУ во нашата земја ги информираше амбасадорите за актуелните и најважни активности во процесот за интеграција на земјата во Европската Унија (ЕУ) при што детално го образложи континуитетот на тековните реформски процеси, особено во делот на правосудството, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација.

– Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел, за што на состанокот беше истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побргу да продолжи, да заврши со старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ, се наведува во соопштението.

Премиерот Заев на состанокот, се додава, истакнал дека нема алтернатива за членството на Северна Македонија во ЕУ и затоа е важно да продолжи дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на Договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.

– Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме, додаде премиерот Заев.

За време на дебатата, се наведува, претседателот на Владата Заев ја поздрави изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија, Вирџинија Пина, при што додаде дека е многу важен ставот на португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи се првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година.

Премиерот Заев ги сподели и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија (ЕК) што ќе мобилизира финансирање до девет милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.

Премиерот Заев на состанокот со ЕУ амбасадорите изразил благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против ковид-19 и изрази очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.

– Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома, рече премиерот Заев на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот