Заев: Го јакнеме менталниот склоп на целото општество, случајот со Мијалков е резултат на досегашните реформи

Граѓаните треба да знаат дека сме на добар пат во јакнење на правниот систем на нашата земја, во владеење на правото, во истакнување на вредноста на секој судија и обивнител кој суди исклучиво по Устав, закон и сопствено убедување и никако поинаку. Го јакнеме менталниот склоп на комплетното општество и со нашите дебати овде дека никој не му должи никому ништо за да мора да му возврати или слично. Очекувам ефикасност, поголема организација и во Обвинителството и во судството, зголемена транспарентност, посебно за предметите каде јавноста е заинтересирана. Денеска најголем контролор над севкупното работење е нашиот народ, рече денеска премиерот Зоран Заев за реформите во правосудниот систем.

Тој од парламентарната говорница нагласи дека обвинителите и судиите треба да го исполнат тоа што граѓаните кои ги плаќаат очекуваат од нив, а тоа е да ја зголемат ефикасноста во својата работа, транспарентноста, делењето на правда да биде еднакво за сите, од секој можен аспект, за да можеме да доживееме реформирано судство како трајна основа за сите други придобивки што народот ги очекува.

– Конечна цел што сакаме да постигнеме е создавање на услови за целосно манифестирање на интегритетот на судиите, а потребна е нивна целосна самостојност, независност, како и на сите други институции од правосудниот систем, потенцира премиерот Заев, додавајќи дека без владеење на правото, без правен систем во кој веруваме, тешко дека ќе може успешно да се спроведат сите други реформи, барем онака како што ги посакуваме.

Од досегашните реформи, посочи Заев, резултат е последниот случај со Сашо Мијалков.

– Треба да знаат нашите граѓани дека во држава, која 11 години беше окупирана и со индиции за украдени стотици и стотици милиони евра, не е лесно и последиците од 11 годишен режим оставиле свои траги и допираат до луѓето. Да дочекаме да имаме завршница на вакви крупни случаи што се симбол на борбата против криминалот и корупцијата. Среќен сум што македонското правосудство и обвинителство и судство, кои ги донесоа предметите на својата завршница, еден дел се веќе завршени со правосилни судски пресуди, еден ден се пресудени на прв степен, еден дел се пред соопштување на пресуда, како што е еден од најважнните случаи „Таргет-Тврдина“ чија пресуда е закажана за утре и веројатно тоа беше причината зошто еден од обвинетите во тој случај Сашо Мијалков се пушти во бегство, изјави Заев.

Според премиерот Заев, целиот овој амбиент, како што рече, вчера ја испрати пораката дека системот може да биде ставен во функција, почитувајќи ги сите донесени закони, секој да ја одработи својата работа за да се исплати некому да бега од одговорност, да ја напупшта државата или да се крие.

– Затоа Мијалков се предаде, заради тоа што нема начин како да се исплати или реализира самото бегство. Уште еднаш тврдам дека во мала земја како нашата, посебно за некој што бил директор на УБК долги години, не е тешко да слушне дека е побаран притвор за да може да се крие 40 часа. Четириесет часа може и некој ситен џепарош, криминалец да се скрие, ама тој ќе биде пронајден ако системот функционира, рече меѓу другото премиерот Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот