Заев: Барам изјаснување на Собранието за доверба на Владата

Премиерот Зоран Заев попладнево побара од пратенциите да се изјаснат за доверба на Владата. Заев кажа дека според Уставот и собранискиот деловник, премиерот има право усно да побара гласање доверба на Владата.

– Ред е да се соочиме и расчистиме, да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот кога ќе покажеме пред граѓаните колку има вистина од опизицијата, да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опизиција. Мора да е едното од двете ако не и двете заедно, рече Заев пред пратениците.

Нагласи оти нема да дозволат неизвесност, несигурност, сопки, блокади и оптрукции.

– Во име на вистината ја преземам одговорноста и обврската пред граѓаните согласно Уставот и деловникот на Собранието да побарам изјаснување на Собранието за доверба на владата, заклучи Заев.

Пратеникот Никола Мицевски на ова рече дека немаат храброст да дозволат три дена расправа за, како што посочи, да ги кажат сите аномалии на владата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза за 34-та седница до 16 часот и 15 минути. Во меѓувреме, Џафери треба да го извести претседателот на државата Стево Пендаровски за барањето на премиерот Заев за гласање доверба на Владата.

Деловникот предвидува во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на Владата усно на седницата на Собранието, пратениците се изјаснуваат на истата седница, без расправа. Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката. 

Според член 92 од Уставот, доколку на Владата ѝ биде изгласана доверба, истото прашање не може да се постави во наредните 90 дена.
Инаку, во Собранието веќе се присутни 62 пратеници од владејачкото мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот