Зацрнетите семејства од Кочани преку здружение ќе бараат поддршка и правда
Семејствата на загинатите и повредените во кочанската трагедија преку здружение ќе бараат правда и поддршка, споделуваат дел од мајките на загинатите на социјалните мрежи.
Препорачано
Основна цел на здружението е обезбедување на поддршка на родителите на загинатите и повредените преку кое во иднина организирано ќе настапуваат во остварувањето на правата и интересите на засегнатите од трагедијата и правда за случајот.
– Долгорочните цели на здружението покрај поддршка на родителите на загинатите и помош за повредените е и организирање на средби за психолошка помош на родителите и роднините, организирање на хуманитарни настани, поворки во чест на загинатите, финансиска помош на засегнатите во трагедијата како и обезбедување на медицински помагала на повредените – стои во Статутот на основаното здружение.
Една од основните цели периодов ќе биде активно вклучување и дејствување со цел разјаснување на вистинските причинители за трагедијата од 16 Март.
Членови на здружението може да бидат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да дадат поддршка во борбата за правда за случајот. Интензивно се работи на обезбедување на простории на здружението.
ЗГ „16 Март 2025“ – Кочани има отворено и трансакциска сметка 240-130120746544 каде граѓаните може да донираат средства за поддршка на здружението и остварување на зацртаните цели.
За донации од странство:
IBAN: MK07240130120746544
57A: UIBMMK22XXX
Од здружението најавија дека периодов преку соопштенија дополнително ќе ја информираат јавноста за нивните првични барања до надлежните.


