Фото: Слободен печат / Ристе Пејовски

Забраната за влез во Бугарија за адвокатот Менкиноски под лупа на Советот на Европа — комесарот О’Флаерти најави детална истрага

Комесарот за човекови права на Советот на Европа Мајкл О’Флаерти, на прашање на пратеници од Македонија, рече дека внимателно ќе го испита случајот на македонскиот адвокат Тони Менкиноски, кому му е забранет влез во Бугарија во период од десет години, затоа што е застапник на македонските организации кои бараат регистрација во Бугарија.

Како што велат македонските пратеници, ваквата мерка отвора сериозни сомнежи за можни повреди на правото на правично судење. Било нагласено и дека Бугарија веќе има дузина пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои чекаат на извршување повеќе од две децении. Дополнително и Советот за човекови права на Обединетите нации неодамна упати повик за нивно спроведување, особено во делот на слободата на здружување.

Во заложбите да се разгледа случајот со Менкиноски заеднички настапија пратеници од македонската власт и од опозицијата.

„Со кој конкретен механизам може Советот на Европа да постапи во случајот на адвокатот Менкиновски, на кого му е забранет влез во Република Бугарија на 10 години, кога тој е активно вклучен во постапки Овпред Европскиот суд за човекови права?“, праша Иванка Василевска од ВМРО ДПМНЕ.

„Господине О’Флаерти, дали сте запознаени дека г-дин Тони Менкиноски, кој е адвокат на организациите што речиси 20 години се борат да бидат регистрирани во Република Бугарија, има забрана за влез во Република Бугарија во траење од 10 години затоа што е адвокат кој работи на заштита на нивните права?, рече Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ.

– Во тек сум за овој случај и морам внимателно да го испитам. Од она што го разбирам, на адвокатот наводно му било забрането да влезе во земјата неколку години додека се обидувал да ги застапува луѓето таму. Ќе ја разгледам оваа ситуација и сум спремен да организирам соодветни размени за подобро да ги разберам влоговите што се во прашање – рече комесарот О’Флаерти, одговарајќи на прашање од пратеничка од редовите на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска во рамките на разгледувањето на годишниот извештај на Комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Во март, адвокатот Менкиновски објави дека Бугарија му изрекла забрана за влез во земјата во траење од 10 години. Според него, одлуката претставува обид тој да се замолчи, бидејќи е правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во официјалниот документ кој му бил доставен, било наведено дека тој преставувал директна закана по националната безбедност на Бугарија.

Десет години не смее да влезе во Бугарија адвокатот Менкиноски, кој ги застапува тамошните Македонци во Стразбур

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот