Протест Кочани ФФото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Заборавени од државата – за кочанската трагедија нула денари за семејствата

Владата формално правно нема донесено одлука за одобрување средства од буџетот или донација преку Црвениот крст за настраданите од трагедијата во Кочани. Меѓутоа приоритет на Владата уште од самиот почеток беше обезбедување брза координирана помош преку преземање на сите неопходни мерки со цел овозможување долгорочна поддршка за погодените, се вели во одговорот од Владата.

Само дваесетина дена по трагедијата што се случи на новогодишната ноќ во бар во одморалиштето Кран – Монтана во Швајцарија каде загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, швајцарскиот кантон Вале донесе одлука сите повредени и семејствата на загинатите да добијат помош од кантонот по 10 илјади евра или околу 10. 740 евра.

Семејствата, пак, на загинатите млади луѓе во Кочани на кои швајцарската трагедија им ги врати страшните слики што ги доживеаја на 16 март лани, имаат добиено нула денари од државата и за 63-те жртви во пожарот во клубот „Пулс“, уште нема ниту еден осуден.

Прашањето за обесштетување на семејствата на лидерската средба го отвори лидерот на Левица Димитар Апасиев на лидерската средба, но немало слух, сега со ново образложение од власта, дека станува збор за приватен објект, а не за јавен како модуларната болница во Тетово.

– Ние сметаме дека тоа не е доволно и ќе инсистираме на оваа тема и во иднина – рече Апасиев.

Родителите се категорични: „Од државата добивме нула“.

ВИДЕО | Експлозија во бар во познат швајцарски скијачки центар, има загинати и повредени

Потврда за ваквото тврдење добиле и од Владата каде што преку „слободен пристап на информации од јавен карактер“ поставија прашање: „Дали Владата донела одлука за одобрување на средствата од буџетот или донација преку Црвен крст за настраданите од трагедијата во Кочани, склучена на 16 март 2025 година“.

Владата со најави за инвестирање

 

– Владата формално правно нема донесено одлука за одобрување средства од буџетот или донација преку Црвениот крст за настраданите од трагедијата во Кочани. Меѓутоа приоритет на Владата уште од самиот почеток беше обезбедување брза координирана помош преку преземање на сите неопходни мерки со цел овозможување на долгорочна поддршка за погодените. Во таа насока Владата донесе јасна одлука за соработка со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации се со цел обезбедување на унифицирана поддршка преку утврдување на единствена, официјална сметка за донации, со што ќе се елиминираат сите дилеми за тоа каде и како да се донираат средствата за настраданите од трагедијата во Кочани – се вели во одговорот што го добиле од Владата.

Оттаму пак за „Слободен печат“ велат дека даваат континуирана поддршка.

– Како Влада досега многупати сме го потврдиле ставот дека продолжуваме со максимално внимание кон сите погодени од трагичниот настан во Кочани. Наш приоритет е обезбедување поддршка на семејствата на загинатите и повредените, вклучително и континуирана рехабилитација со персонализиран пристап, физикална и работна терапија, како и психолошка и социјална поддршка. Владата смета дека поддршката треба да биде континуиран процес и ќе продолжи со активности за олеснување на животот на повредените и на семејствата што ги загубија своите најмили – велат од Владата.

Парите што ги добиле семејствата непосредно по трагедијата биле од собраните донации од „Црвениот крст“, за надгробни плочи и уредување на просторот. За нив дали објектот е државен или приватен не претставува правно дозволена основа за различен третман на жртвите и на нивните семејства.

– Во согласност со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Законот за спречување и заштита од дискриминација, член 6, забранува индиректна дискриминација, особено кога наизглед неутрален критериум – како што е сопственоста на објектот – во практика доведува до понеповолен третман на одредена група граѓани. Дополнително, Европската конвенција за човекови права, член 14 во врска со член 2, утврдува дека обврските на државата за заштита на животот и обезбедување ефективна институционална реакција важат и кога трагедијата се случува во приватен објект, доколку последиците се од јавен карактер и ги засегаат граѓаните. Во конкретниот случај постои и инволвираност на носители на јавни функции, кои постапувале или не постапувале од позиција на јавни овластувања, претставувајќи ја државата и државните институции. Таквото постапување или непостапување, кое довело до штетната последица, ја засилува обврската на државата за институционална одговорност и за донесување одлука по барањето доставено од здружението – велат од Здружението на граѓани „16-ти март 2025 – Кочани“.

Родителите се чувствуваат заборавени

 

Дел од родителите отидоа и во Собранието и од собраниска говорница, очи во очи со премиерот му кажаа дека се чувствуваат заборавени од институциите и сè уште ја чекаат вистинската правда за нивните деца.

Одредете си цена за вашите деца, ни рече премиерот на средба во Влада, обвинуваат родителите од трагедијата во Кочани

Сепак, премиерот не ги искоментира нивните барања, а мантрата на власта е дека нивниот план е да ги дуплираат средствата од Владата за помош на Општина Кочани и реализација на проекти, нови инвестиции, нови вработувања. Ги покриваме трошоците и лекувањето и ќе продолжиме, а здравствениот систем ќе биде посветен и мотивиран да им помогне на овие луѓе – повторуваат од власта.

Државната помош за родителите на настраданите уште летоска заврши со контроверзна средба на која премиерот Мицкоски, како што тврдеа родителите, им рекол „одредете си цена за вашите деца“.

Петте барања на родителите на починатите од Кочани испратени до трите највисоки функционери во државата се:

1. Еднократна парична помош за секое погодено семејство на починатите во трагедијата за душевна болка и нематеријална штета преку фонд за итна поддршка од државниот буџет, со јасна и транспарентна процедура за исплата; 2. Предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите во трагедијата; 3. Право на отсуство или заштита на работното место по трагичната загуба; 4. Поддршка и заштита на децата што изгубија родител; и 5. Поддршка и заштита на браќата и на сестрите на починатите.
За трагедијата во Кочани се води судски процес за едно поднесено обвинение против 35 физички лица и три правни лица, а обвинение против осомничените полицајци сè уште нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот