За совршен вкус, путерот е незаменлив

Кога рецептот содржи путер, никако не го менувајте со маргарин. Ништо не е повкусно од вистински путер, а со неколку трикови ќе знаете како да го извлечете најдоброто од него.

Тајната на совршениот сос е во додавањето ладен путер на крајот од готвењето. Исечете го путерот на коцки и додавајте ги една по една, лесно мешајќи го врелиот сос додека се вари на тивок оган. Продолжете да го додавате путерот додека се стопи целосно. На 250 мл сос ставете околу ¼ филџан путер. Кога се додава ладен путер во врелиот сос , тој рамномерно се растопува и вкусовите се спојуваат.

Ако во рецептот за колачи и торти треба да користите стопен путер, мора да знаете дека путерот треба да биде толку мек што кога ќе го допрете со прст, во него ќе се направи вдлабнатина, но нема да можете да пробиете низ него.

Внимавајте да нема трошки леб во путерот бидејќи така брзо ќе се расипе. Оставете настрана мала количина путер која ќе ја користите исклучиво за мачкање леб. За оваа намена најдобро е да користите засолен путер, бидејќи солта во него служи и како конзерванс.

За да го задржите свежиот вкус на путерот, на собна температура во поклопен сад држете само толку путер колку што мислите дека ќе потрошите во следните 2-3 дена. Но, во летните денови путерот на собна температура не смеете да го држите подолго од еден ден.

Свежината на путерот ќе се одржи ако добро го завиткате во хартија која однатре е обложена со најлонска фолија. За јадење исечете парче колку што мислите дека ви е доволно, а остатокот завиткајте го во хартијата и складирајте го во фрижидер.

Путерот е најдобар ако е свеж, што значи при купување, не земајте голема количина туку онолку колку што мислите дека ви е доволно за следните две недели. Ако сепак начекате поволна цена на путерот, но свесни сте дека нема да го потрошите брзо, замрзнете го. Доколку треба да го замрзнете за подолг период, исечете го на парчиња по 100 грама и секое парче одделно завиткајте го во најлонска фолија. Така полесно ќе користите мали парчиња, наместо да го одмрзнувате и замрзнувате одново.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот