За помалку од една недела во Сингапур извршени три егзекуции

Сингапур / Фото Архива на СП

Во Сингапур бил погубен 39-годишен маж осуден за трговија со хероин во третото бесење за нешто повеќе од една недела.

Мохамед Шалех Адул Латиф бил осуден на смрт за поседување приближно 55 грама хероин „наменет за продажба“ во 2019 година.

Државниот завод за дрога соопштил дека казната била извршена денеска. Според судските документи, Мохамед Шалех работел како доставувач пред да биде уапсен во 2016 година.

За време на судењето тој тврдеше дека верувал дека доставува шверцувани цигари за пријател на кој му должел пари, пишува „Гардијан“.

Тој станал 16-тиот затвореник осуден на смрт откако владата ги продолжила егзекуциите во март 2022 година по двегодишна пауза за време на пандемијата на коронавирус.

Егзекуцијата, петтото бесење оваа година, доаѓа помалку од една недела откако Сингапур ја погуби првата жена по речиси 20 години поради трговија со дрога.

Саридеви Бинте Џамани, 45-годишната жена, била егзекутирана во петокот поради поседување околу 30 грама хероин. 57-годишниот Мохд Азиз бин Хусеин бил обесен два дена претходно поради поседување околу 50 грама хероин.

Обединетите нации го осудија бесењето и го повикаа Сингапур да воведе мораториум на смртната казна.

И покрај зголемениот меѓународен притисок за ова прашање, Сингапур инсистира на тоа дека смртната казна е ефикасно спречување на трговијата со дрога.

Богатиот финансиски центар има некои од најстрогите закони против дрогата во светот. Продажбата на повеќе од 500 грама канабис или повеќе од 15 грама хероин може да резултира со смртна казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот