За одложувањето на кредитите, граѓаните ќе платат 39 милиони евра

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

До април, вкупната месечна камата што се пресметуваше за кредитите на домаќинствата изнесуваше околу 13 милиони евра, а оттогаш износот расте за околу 6,5 милиони евра месечно.

Шестмесечното одложување на отплатата на кредити, но со истовремено пресметување камати за тие месеци, ги натрупаa долговите што ги должат граѓаните во банките. Според последниот извештај на Народната банка, во јули, домаќинствата им должат на банките 2,9 милијарди евра, а пресметаната камата во тој месец е 40,3 милиони евра. До април, вкупната месечна камата што се пресметуваше за кредитите на домаќинствата изнесуваше околу 13 милиони евра, а оттогаш износот расте за околу 6,5 милиони евра месечно.

Од Народната банка објаснуваат дека банките дадоа можност за одложена наплата на кредитите од април до октомври, но, во меѓувреме, тие ги пресметуваат, а не ги наплаќаат каматите и ненаплатените износи ги префрлаат од еден во друг месец.

– Според статистичките стандарди, во состојбата на одделните финансиски инструменти, во овој случај кредитите, се вградува и пресметаната недостасана и достасана камата. Оваа категорија во овој период бележи промени, со оглед на тоа што банките овозможија одложување на отплатата и на главнината и на каматата на кредитите на дел од клиентите, доминантно за период од шест месеци.  Во моментот кога обврските ќе почнат да се сервисираат, намалување ќе бележи и оваа категорија, како дел од вкупните кредити –објаснуваат од Народната банка.

Просечното зголемување на каматите за околу 6,5 милиони евра значи дека за 6 месеци ќе се натрупа камата од 39 милиони евра. Од друга страна, одложените рати значат продолжување на рокот за враќање на кредитот за 6 месеци, период во кој исто така ќе се плаќа камата.

Дури 70 отсто од граѓаните што имаат кредити се одлучиле за можноста да ги одложат кредитите до октомври. Според соопштенијата на банките, за потрошувачки, станбени и за некои други кредити, заостаната камата ќе се распредели рамномерно во наредните 6 месеци, откако ќе почне редовната отплата на рати. Ова практично значи дека во тој период, граѓаните ќе плаќаат двоен износ на камата од оној што претходно го плаќале. За кредитни картички, банките соопштија дека заостанатиот износ ќе се плати одеднаш, откако ќе измине периодот на одложеното плаќање на ратите.

Банките почнаа да ги објавуваат финансиските извештаи за првото шестмесечје од годинава.

Комерцијална банка остварила нето-добивка од камати од 19,6 милиони евра и таа е поголема од лани за 3,2 проценти. Банката имала пад на нето-наплатените провизии за 11,5 проценти. Крајната пресметка покажува нето-добивка пред оданочување од 12 милиони евра и таа е за 10 проценти поголема од ланската полугодишна добивка.

Добивка пред оданочувања од 17,2 милиони евра остварила Стопанска банка. За првото полугодие од ланската година добивката била 19 милиони евра. И оваа банка забележала раст на нето-приходите од камати во однос на ланскиот период. Лани за 6 месеци, нето-приходите од камати и биле 29,5 милиони евра, а годинава 29,9 милиони евра Пад има кај нето-провизиите за 8,9 проценти.

Добивката пред оданочување на НЛБ банка за првото шестмесечје е 12,7 милиони евра и е за 3 милиони помала од лани. Нето-приходите од камати се на речиси исто ниво – околу 24 милиони евра, како што се слични и износите на провизии, околу 8 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот