За неполна година 99 лица загинале на македонските патишта – абер нема од системот на камери за казнување

Сообраќајка кај Градска болница (фото: Слободен печат/Драган Митрески)

Во петокот момче и девојка од Кичево, на возраст од 22 и 21 година загинаа во сообраќајна несреќа кај охридското село Ботун, неколку дена претходно, педесет и шестгодишна жена го загуби животот окако излетала од автопатот кај Гевгелија. . Во Чаир пак, загина 69-годишна жена откако во неа удрил автомобил „Сеат алтеа“, управувано од 19-годишна девојка од Скопје… можеме така да идеме со денови наназад и ќе забележиме дека секојдневно низ македонските патишта често се служуваат сообраќајни несреќи во кои има повредени, а не е ниту мала бројката на сообраќајни несреќи со смртни последици.

Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, заклучно 31 септември годинава се регистрирани 86 сообраќајни незгоди во кои животот го загубиле 99 лица. За споредба, во 2023 година на македонските патишта загинале 127 лица во 118 сообраќајни незгоди.

За намалување на сообраќајките не помагаат ниту казните на сообраќајната полиција. До септември, биле изречени 49.969 глоби на лица кои возеле повеќе од дозволеното низ патиштата ширум државата, а пак во 2023 година бројката на изречени казни за пребрзо возење била 106.957. Годинава биле фатени и 6.051 лица кои возеле под дејство на алкохол. Според досегашниве бројки, реално е дека бројката на санкционирани пијани возачи ќе биде помал од 2023 година, кога биле санкционирани 11.842 пијани возачи. Не може да се каже дека трендот на намалување на санкционирани пијани возачи се должи на свесноста на луѓето или пак на „присутноста“ на полицијата на улиците.

Очигледно, патролирањето на сообраќајната полиција е недоволно за да се спречи секојдневното дивеење по улиците, а долгонајавуваниот проект на казнување со фотографирање од сообраќајни камери поставени на семафорите сè уште е заглавен во бирократски процедури. Доколку се користат камерите, можеби ќе бидат избегнати и намалени незгодите, а возачите ќе возат со помала брзина знаејќи дека несовесното возење се снима и за тоа може да бидат казнети.

Доколку се користеа камерите, можеби ќе беа избегнати незгодите и возачите ќе возеа со помала брзина знаејќи дека дивеењето по улиците се снима и за тоа можат да добијат казни на домашна адреса, но сепак системот постојано беше одложуван од страна на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и од сегашниот прв човек на МВР, Панче Тошковски.

Пред неполн месец, Тошковски најави дека системот со камери на сообраќајници „Сејф Сити“ ќе биде целосно функционален во текот на идната година, но не прецизираше кога.

Тошковски рече дека претходните власти извршиле набавка, но не направиле стратешки план како сето тоа ќе го стават во функција и не направиле законски процедури, каде точно тоа треба да се имплементира, како ќе се доставуваат казните, дали судот ќе може да одговори на предизвикот да постапува по десетици илјади предмети на месечна основа.

„Се надевам дека во 2025 ќе имаме целосна функционална примена – да го затвориме целосно системот, не само камерата да изврши фотографија на одредено лице, туку на крајот да стигнеме со наплата на предметната казна.“, изјави Тошковски.

Според податоците на Европскиот совет за безбедност во сообраќајот, Србија во 2023 година со 76 смртни случаи била трета во Европа по бројот на жртви во сообраќајот на милион жители. Пред Србија се само Бугарија со 82 и Романија со 81 загинат во сообраќајни несреќи на милион жители.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Тошковски за „Слободен Печат“: Еден судија сега има 35 судења дневно, со „Сејф сити“ ќе има 3.000

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот