ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Тошковски за „Слободен Печат“: Еден судија сега има 35 судења дневно, со „Сејф сити“ ќе има 3.000
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека камерите се поставени, но се чека системско решение бидејќи со 20.000 прекршоци дневно, судиите ќе бидат пренатрупани со работа
Кога да ги очекуваме првите казни од „Сејф сити“ на домашна адреса, од каде колони на „Табановце“ и покрај „Уан стоп шоп“, каква е безбедоносната состојба во државата, што е со убиствата кои се случуваат по улица се само дел од одговорите кои ги добивме од Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи на Македонија во утринската емисија на „Слободен печат“.
За стоте дена Влада Тошковски вели дека за она што е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, а е реално сработено, има што да каже и без оглед на тоа што станува збор само за сто дена.
-Нова енергија којашто се надевам дека ќе дава резултати годинава. Убеден сум дека ќе можеме да направиме повеќе проекти во рамки на Министерството за внатрешни работи коишто ми можеле да доведат до подостоиствена и попрофесионална полиција и од друга страна побезбедни и задоволни граѓани. Ќе постапиме соодветно доколку има обиди за дестабилизација на државата, нема да дозволиме безбедносната состојба да се наруши“, вели Тошковски.
Тој тврди дека состојбата во државата е безбедна.
-Во врска со најавите за дестабилизација на државата, МВР ќе одговори соодветно, секој има право да протестира во законско утврдена форма за одредено прашање за кое смета дека дискриминира, но ред мора да има. Никој нема право во државата со насилие незаконито да малтретира било кого. Нема да дозволиме безбедносната состојба да се наруши. Будно ја следиме состојбата, и се надевам дека опозицијата ќе се вразуми и ќе се постапува во рамки на своите права, односно мирно, достоинствено и културно да ги остварува правата кои се утврдени со закон. Јавен протест на законски начин е нормална работа. Не смее да се дозволи насилие и самовластие“, изјави Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави вистински „Уан стоп шоп“ на граничните премини со Србија, Косово и Албанија.
„Со години не функционира Уан стоп шоп на граничниот премин Табановце. Имав разговори со колегите од Косово и Србија, а ќе имам состанок и со министерот за внатрешни работи на Албанија. Сакаме да воведеме вистински Уан стоп систем. Сакаме нашите гранични премини да функционираат како граничните премини меѓу Албанија и Косово, односно еден полицаец да подигнува документација во рамки на контролата и во исто време да добиваат информации службите на двете држави и да дадат одобрение за излез или влез во државата. На таков начин ќе имаме вистински Уан стоп систем“, изјави Тошковски.
Што се однесува до издавањето на личните документи тој вели дека е решен проблемот со издавањето, а најголемиот број на возачки дозволи се реиздадени.
„Конечно можам да кажам дека го решивме проблемот со издавањето на личните документи. Сега во законски утврден рок можеме да го издадеме личниот документ. Граѓанинот не чека повеќе од два-три дена за фотографирање и во рамки од 15 дена да го обезбеди“, вели Тошковски.
Тошковски очекува метеж пред крајот на годината кога е и крајниот рок за промена на возачките документи.
„Очекуваме дека ќе се зголеми бројот, но најголем број од возачките дозволи се реиздадени. Во наредниот период од три месеци, реално без преголемо натрупување ќе можеме да ги примиме граѓаните, да не чекаат како што чекаа и во рамки на законскиот рок да ги издадеме“, изјави Тошковски.
За „Сејф сити“ вели дека најголем дел од камерите се поставени, но дека фали системско решение.
– Се видов со колега судија за прекршоци. Ми вели колега, ние имаме моментално 35 судења на ден. И јас, вели, имам преку 3.000 предмети активни. Со овој обем којшто ми го говорите, на 20.000 прекршоци констатирани на дневна основа, ќе не пренатрупате нас за недела дена, ние нема да знаеме главата кај ни е – вели Тошковски.