Тејлор Свифт во спотот за „Opalite“ / Фото: Инстаграм/Тејлор Свифт

За љубовта што доаѓа по скршено срце: Тејлор Свифт го објави спотот за „Opalite“, со Донал Глисон во главна улога

Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт го објави новиот музички спот за песната „Opalite“, кој за само неколку часа стана една од најкоментираните теми во музичката индустрија. Спотот беше објавен вчера и носи силен визуелен печат, со надреалистична приказна и естетика инспирирана од осумдесеттите години.

Во видеото, главната машка улога ја толкува ирскиот актер Донал Глисон, кој игра осамен маж што со помош на магичен напиток ја „повикува“ Тејлор Свифт во својот живот, прскајќи го омилениот кактус. Шкотскиот пејач Луис Капалди се појавува како фотограф во трговски центар, кој станува опседнат со необичната двојка, додека познатиот британски телевизиски водител Греам Нортон глуми продавач кој тврди дека може да ја поништи магијата.

Фото: Инстаграм/Тејлор Свифт

Покрај нив, во спотот се појавуваат и реномирани актерски имиња како Килијан Марфи, Грета Ли и Џоди Тарнер – Смит.

Спотот е режиран лично од Тејлор Свифт, а идејата за кастингот произлегла од едно гостување во емисијата на Греам Нортон на Би-би-си, каде што сите овие ѕвезди се појавиле заедно минатата година.

Фото: Инстаграм/Тејлор Свифт

На Инстаграм, Свифт го опиша Нортон како „неверојатно харизматичен и симпатичен водител“, откривајќи дека инспирацијата за видеото се родила токму за време на нивниот разговор во емисијата. Таа се присети дека Домнал Глисон тогаш на шега изјавил дека би сакал да се појави во нејзин музички спот, желба која таа многу брзо ја претворила во реалност, испраќајќи му сценарио само една недела подоцна.

Греам Нортон, пак, изјави дека учеството во спотот било „возбудата на животот и најтешката тајна што некогаш морал да ја чува“. Дел од оригиналниот разговор од емисијата е вметнат и во одјавната шпица на видеото, што дополнително ѝ дава автобиографска и хумористична нота на приказната.

Фото: Инстаграм/Тејлор Свифт

„Opalite“ е вториот сингл од 12. студиски албум на Тејлор Свифт, „The Life Of A Showgirl“, кој минатата година беше најпродаван албум во Обединетото Кралство. Песната е инспирирана од нејзиниот свршеник, НФЛ-ѕвездата Тревис Келси, чиј роден камен е опал. Опалитот, како вештачка верзија на каменот, Свифт го користи како метафора за среќа која не е резултат на случајност, туку на свесен, човечки избор.

Музичкиот спот е објавен ексклузивно на Спотифај и Епл мјузик, а нема да биде достапен на Јутјуб во првите 48 часа. Овој потег предизвика шпекулации дека станува збор за стратешка одлука поврзана со најавените промени во американските музички топ-листи, според кои стримовите од Јутјуб повеќе нема да се бројат во официјалниот пласман.

@universalmusicmy The #OpaliteMusicVideo is out now, and it’s ✨ picture perfect! ✨ Watch on @Spotify Premium and @Apple Music ♬ Opalite – Taylor Swift

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот