За Гостивар цензус нема, ама расположение за кавга секогаш има
Вршителот на должност градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, изјави дека е неуставно именувањето повереници од Владата и најави дека таа одлука ќе ја обжали пред Уставниот суд. Премиерот, пак, вели дека Владата ќе постапи по закон
Владата ќе именува повереници во четирите општини во кои ќе се повторат локалните избори, дециден е премиерот Христијан Мицкоски, откако вршителот на должност градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, изјави дека тоа е неуставно и најави дека одлуката на Владата ќе ја обжали пред Уставниот суд.
Државната изборна комисија (ДИК) се очекува утре да ги објави конечните резултати од локалните избори и да ги прогласи за завршени, по што се отвора патот за именување владини повереници во Гостивар, Врапчиште, Центар-Жупа и во Маврово-Ростуше. Изборите во четирите општини пропаднаа, бидејќи во првиот изборен круг не беше постигнат цензус од 33 отсто.
И додека опозициската НАИ нема дилема дека и на повторените избори ќе трча со истите кандидати за Гостивар и за Врапчиште – Валбон Лимани и Исен Шабани, од владејачката Вреди допрва ќе решаваат дали ќе номинираат нови кандидати за градоначалници.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Мицкоски го чека известувањето од ДИК за да именува повереници.
– Апсолутно дека тоа ќе го направиме во согласност со закон, а за да го направиме, треба прво да добиеме известување од ДИК дека изборите се завршени и дека во тие четири општини изборите се неуспешни, а потоа Владата ќе именува повереници – рече Мицкоски.
Од ДИК за „Слободен печат“ велат дека се очекува утре на седница да бидат објавени конечните резултати по што ќе го известат Собранието и Владата.
Според Изборниот законик, ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, Изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
„ДИК во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. По добивањето на известувањето, Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот. Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереник го известува претседателот на Собранието заради распишување избори за градоначалник“, се вели во членот 134 на Изборниот законик.
Лимани ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд
Но, со ова не се согласува вршителот на должност градоначалник на Општина Гостивар и кандидатот што доби најмногу гласови во првиот круг на локални избори, Валбон Лимани. Според него, назначувањето на владин повереник е неуставно. Тој смета дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите, кои пропаднаа поради слаба излезност.

– Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, во согласност со Законот за локална самоуправа, член 54, и потоа член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник – вели Лимани.
Тој најави дека по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
– Ќе поднесеме инцијатива до Уставниот суд дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор повторно ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крајот, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски – вели Лимани.
Лимани е од Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари. Тој во првиот изборен круг освои 16.949 гласа, а кандидатот на Вреди Себаедин Даути – 4.221 глас. Во Врапчиште, пак, кандидатот Исен Шабани од АА освои 6.050 гласа, додека кандидатот на Вреди Мехмет Сефери освои само 467 гласа. Поради ова, Таравари нема дилема дека и на повторените избори ќе оди со Лимани и Шабани, по катастрофалниот пораз на Вреди во Гостивар и во Врапчиште, а од владејачката коалиција велат дека сè уште не донеле одлука дали ќе се натпреваруваат со нови кандидати.
Новаковски: Неиздржана е иницијативата на ЛДП
Од друга страна, ЛДП најави дека ќе предложи измени на Изборниот законик за да не може владините повереници да се кандидираат на повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Центар-Жупа. Според ЛДП, ако се воведе ограничување поверениците да не можат да се кандидираат за градоначалници, ќе се овозможат фер услови за коректен политички натпревар, ослободен од какви било сомнежи за дополнителни злоупотреби и политички влијанија.
Но, поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски за „Слободен печат“ вели дека ако помине предлогот на ЛДП, тој ќе падне на Уставен суд.

– Тоа е ограничувачки фактор и е спротивно на Уставот. Ако може сите други по три мандати да бидат градоначалници, зарем тие не се во предност? Се знае каде има ограничувања – тоа е кај претседателот на државата да не може да оди на трет мандат. Кај пратениците и кај градоначалниците нема ограничување. Ако се изгласа тоа, ќе падне на Уставен суд – вели Новаковски.
Тој е дециден дека Владата е должна да именува повереник до изборот на нов градоначалник во општините каде изборите пропаднаа. За најавата, пак, на в.д градоначалникот на Гостивар – дека одлуката за повереник ќе ја обжали пред Уставен суд – Новаковски вели дека е неиздржана.
– Тој е в.д. градоначалник и неговиот мандат мора да престане, затоа што ако тој има право да биде вршител на должноста до изборот на нов, тогаш избраните градоначалници имаат уште повеќе право да ја вршат функцијата до избор на нов градоначалник. Тој може да оспорува пред Уставниот суд, но законот е јасен и Владата мора да именува повереник – вели Новаковски.


