За да прогласиме крај на епидемијата, треба да немаме ниеден заразен 28 дена по ред!

Инфективна клиника / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Експертите од областа на епидемиологијата за „Слободен печат“ тврдат дека во моментов земјата се наоѓа во фаза на ендемија, со спорадични случаи.

За да се прогласи крај на епидемијата со коронавирусот во земјава, треба да нема ниеден нов случај на заразен во период од два инкубациски периоди на болеста, во случајов двапати по 14, односно 28 дена. Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски за „Слободен печат“ вели дека ова практично е невозможно на глобално ниво, меѓутоа локално е можно.

– На пример, во некој град во Македонија, ако нема нов случај 28 дена, се знае дека таму нема ниту еден активен случај. Во секој случај, сега имаме ендемија, а не пандемија, односно спорадични случаи на болеста – појаснува доктор Пановски.

Во меѓувреме, владата на Словенија најави дека ја прекинува состојбата на епидемија, но мерките за заштита и понатаму остануваат на сила. Во оваа земја, во последните 24 часа биле евидентирани само 24 нови случаи на коронавирусот од 1.023 направени тестови, што претставува 2,3 проценти од сите позитивни случаи. Сепак, таму ќе се носат маски додека не се влезе во зелената фаза, според критериумите на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, очекување кое што е резервирано за јули.

Во земјава од денеска, целосно се укинува полицискиот час и може да се организираат свадби и прослави со повеќе од 100 гости. Се дозволува и организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет на максимум 50 проценти од објектот и не повеќе од 1.000 лица. Овие препораки ги усвои Комисијата за заштита на населението од заразни болести, а беа прифатени од Главниот координативен ковид-19 кризен штаб. Според здравствените власти, епидемиолошката состојба е стабилна и дозволува ваква одлука.

Според последните информации, во ковид-центрите во Скопје има еден новохоспитализиран пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 30 граѓани сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Во последното деноноќие на Институтот на ТБЦ немало приеми. Еден пациент е примен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Во ковид-центарот на ГОБ „8 Септември“ вчера немало приеми. Во оваа болница има 12 болни, а во Скопје вкупно 30 потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат во болниците. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти што имаат потреба од кислородна поддршка, информираат од Министерството за здравство. На територијата на целата држава се лекуваат вкупно 66 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.

Досега, според податоците објавени на веб-страницата „ковид-19 вакцинација“, вакцинирани во државата се 259.395 граѓани, а бројот на лица што изразиле интерес за вакцинација е 450.634.

Министерството за здравство информираше дека во земјата се пристигнати нови 12.870 дози од вакцината „Фајзер“. Станува збор за редовна пратка што се испраќа во земјава секој понеделник, од кои 8.190 дози се од билатералниот договор со производителот „Фајзер“, додека 4.680 се во рамките на програмата „Тим Европа“. Грција вчера се очекуваше да донира 20 илјади вакцини од производителот „Астра-Зенека“ за Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот