Александар Вучиќ / Фото: EPA/EFE / Koca Sulejmanovic

Вучиќ: Во Хрватска настана хистерија поради една ракета, другите не ги ни видоа

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се осврна и на реакциите од Хрватска откако во јавноста се појавија информации за кинеските ракети CM-400, кои наводно биле забележани на српските авиони МиГ-29 и за кои се наведува дека имаат дострел до 400 километри, објави „Н1“.

Вучиќ го даде својот коментар на оваа тема за време на посетата на селото Раниловиќ во општина Аранѓеловац.

– Во Хрватска настана хистерија поради една ракета. Останатите не ги ни видоа. Пленковиќ не мора да ја информира НАТО, јас ќе ги информирам зашто се гордеам со тоа што го создадоа српските раце. Нема да го топам српското оружје, туку ја зајакнувам Србија. Не за да напаѓаме некого, можете мирно да спиете. Немојте да помислите дека некој ќе ја покори Србија – рече тој.

ВИДЕО | Вучиќ потврди дека Србија купила моќни ракети од Кина – Пленковиќ: Ќе ги предупредиме партнерите во НАТО

За потсетување, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно денеска изјави дека писмено го информирал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за ова прашање и дека очекува разговори на таа тема.

– Како што најавив вчера, испратив писмо до генералниот секретар на НАТО и го информирав за тоа. Мислам дека тоа е релевантна информација што Алијансата и другите членки треба да ја земат предвид и да ја знаат – изјави премиерот.

Александар Вучиќ во четвртокот вечерта потврди дека Србија располага со хиперсонични балистички ракети воздух-земја. Притоа истакна дека Србија нема намера да напаѓа никого, но оцени дека во иднина би можела да стане мета на евентуален воен сојуз меѓу Хрватска, Албанија и Косово.

Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, пак, денеска изјави дека тврдењата на српските власти дека се вооружуваат за да се бранат од соседните земји се неосновани и дека со неодамнешните набавки на кинеско оружје Србија ги покажува своите хегемонистички тенденции кон тие земји.

Косовскиот министер за одбрана го обвини Вучиќ дека лаже за кинеските ракети: Ниеден сосед не е агресивен кон Србија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот