Фото: Александар Вучиќ, претседател на Србија / EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Косовскиот министер за одбрана го обвини Вучиќ дека лаже за кинеските ракети: Ниеден сосед не е агресивен кон Србија

Косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци изјави дека Србија со години набавува оружје од Русија и од Кина без тоа да биде поврзано со некаква актуелна закана од соседите, додавајќи дека ниедна соседна држава не покажала агресивни намери кон Белград и дека токму Србија има територијални претензии кон Косово.

Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, денеска изјави дека тврдењата на српските власти дека се вооружуваат за да се бранат од соседните земји се неосновани и дека со неодамнешните набавки на кинеско оружје Србија ги покажува своите хегемонистички тенденции кон тие земји, објави „Радио Слободна Европа“.

Маќедонци ги даде овие изјави откако српскиот претседател Александар Вучиќ еден ден претходно објави дека Србија купила „разорни“ кинески ракети.

Станува збор за надзвучните балистички ракети CM-400 од Кина.

– Набавки од Русија и од Кина се прават веќе неколку години и продолжуваат да се прават, така што тоа не е поврзано со никаква актуелна закана за Србија… Ниедна соседна држава на Србија во ниеден случај не покажала агресивна или напаѓачка намера кон Србија – изјави Маќедонци, додавајќи дека токму Србија покажува територијални претензии кон Косово.

Вучиќ претходно изјави дека Србија успешно ги интегрирала кинеските ракети во руските борбени авиони МиГ-29 што веќе ги поседува.

– Имаме значителен број ракети и ќе имаме уште повеќе – рече Вучиќ.

Српскиот претседател не откри колку чинат ракетите, но рече дека „се ужасно скапи“ и дека Србија наводно ги добивала со мал попуст.

ВИДЕО | Вучиќ потврди дека Србија купила моќни ракети од Кина – Пленковиќ: Ќе ги предупредиме партнерите во НАТО

Министерот Маќедонци смета дека набавките на Србија од Кина се продолжение на политиката на Вучиќ.

– Република Србија главно врши воени набавки од земји што не се членки на НАТО. Србија најмногу прави стратешки набавки од Руската Федерација и Кина. Од Кина, српското Министерство за одбрана ги набави противвоздушните ракетни системи ФК-3, Ејџ-кју-17 и Ејџ-кју-9, како и беспилотни летала и различни радари – рече тој.

Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), во периодот 2020–2024 година, Србија најмногу оружје увезла од Кина (57%), потоа од Русија (20%) и од Франција (7,4%).

На набавката реагираше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој предупреди дека за ова прашање ќе разговара со НАТО.

Реагирајќи на изјавата на Пленковиќ, Вучиќ рече дека „Загреб нема да решава што ќе има Србија“.

Тој додаде дека Србија „се подготвува за можност од напад од сојузот што го формираат Приштина, Тирана и Загреб“.

Во март 2025 година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, што српските власти го оценија како закана за безбедноста на Србија.

Косово, Албанија и Хрватска влегоа во „одбранбено-безбедносна алијанса“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот