Врвици на историјата: Вера Јоциќ во очите на Ацо Шопов

Колаж – Ацо Шопов (Фотографија: Душан Ѓоргон, 1967), Вера Јоциќ / Извор: Википедија

На 21 август се навршуваат 100 години од раѓањето на Вера Јоциќ, партизанка од Скопје прогласена за народен херој во 1951 година, која смртно ранета во Пролетната офанзива, на 20 мај 1944 година, почина три дена подоцна во селото Саса. „Три дена на раце те носевме збрана…“, напиша подоцна Ацо Шопов во песната „Очи“, пред да се наврати на нејзиниот лик, многу години подоцна, во овој трогателен портрет што го објавуваме во чест на стогодишнините од раѓањето на овие наши првоборци.

„Секогаш кога се сеќавам на Вера Јоциќ во мојата свест минува ликот на прославената Трета македонска ударна бригада со која оваа црнокоса ученичка од Скопје го слеа својот животен пат, предвреме прекинат под осоговскиот врв Лисец во еден миг што е достатно голем за да трае со нашето траење и да биде светла вишина по нерамните врвици на нашата историја.

Верувам дека сите барем еднаш сте поминале покрај нејзиниот паметник на десниот брег на Вардар пред Градскиот парк. Од каменот во вас гледаат очи со цврст пробивен поглед, а над челото, како од ветар понесена, се разлева долга, густо испреплетена коса. Ако се загледате во неа, во таа коса изрежана во каменот, ќе ја сфатите наеднаш сета симболика што уметникот сакал да ја соопшти како свое доживување за вистината на едно време. Тука ќе ги насетите сите искушенија, сите занеси и подвизи на бригадата чиј борец беше Вера Јоциќ, тука се и Козјак Планина и Осогово и Плачковица, една земја изрована од несон и себенаоѓање.

Јас не сум ни историчар ни хроничар и не изнесувам биографски податоци за животот на Вера Јоциќ. За мене таа е дел од животот на Третата македонска ударна бригада, како што е бригадата дел од нејзиниот живот. И мислејќи на Вера Јоциќ, јас мислам на оние луѓе што јуришаа кај Дренак, кај Црноок и Црна Трава, што ги разбиваа обрачите на бугарските окупаторски единици по стрмнините на Козјак и на Беласица, низ кочанското поле и струмичко.

И не можам, особено денес, да не мислам на тие денови, не само за тоа што одбележуваме една годишнина што значи пресвртница во нашиот живот, туку и поради оној темен обид што сака да ја покрие со лага и оваа страница од нашата историја, да нѐ ограби и да го присвои и она што овие генерации и овој народ не толку одамна успеале да го извојуваат.

Ако не сте поминале покрај паметникот на Вера Јоциќ, сторете го тоа некое октомвриско попладне. Таму ќе се сретнете со еден лик од нашата историја. Во густата, развеана коса, изрежана во каменот, ќе ве пречека вашата земја, а низ некоја суводолица ќе ја забележите силуетата на Третата македонска ударна бригада во чија колона чекори и Вера, онаа Вера која три дена на раце ја носевме збрана, три дена со болка во погледот срчен и секоја капка од нејзината рана ко крвава жар ни капеше в срце.“

(Текстот на Ацо Шопов е препис на документ од Фондот „Ацо Шопов“ во Архивот на МАНУ)

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 192, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот