Плакат за 15. Фестивал „Ехо“

Врската помеѓу човекот и природата се отсликува на фестивалот на планински филм „Ехо“

Осумдневната програма на јубилејниот 15-ти Фестивал на планински филм „Ехо“ содржи 62 филмови, панел-дискусија, пет вечерни предавања и презентации, четири работилници за деца, филмска работилница, изложба на фотографии и еден мастерклас.

Официјалното отворање на Фестивалот на планински филм „Ехо“ ќе се одржи на 18 октомври, во 20 часот, во Дом на АРМ во Скопје, а следните седум дена програмата ќе се одвива на две локации во Кинотеката на РСМ. Фестивалот ќе трае од 18 до 25 октомври.

На отворањето ќе биде прикажан филмот „Виорник од работ“ (Словенија, 2024, 107 мин.) на режисерот Игор Вртачник, кој ќе биде присутен на проекцијата. На крајот на 19-иот век, на планините во Словенија се случува битка за влијание помеѓу Словенечкото планинско друштво и германските друштва – битка против национално опресивните активности на странците.

Овој конфликт се шири и во алпинизмот на највисоките врвови, а посебно значење има „битката“ за северната страна на Триглав, каде младите и смели „Скалаши“ играат главна улога. Токму благодарение на членовите на Алпинистичкиот клуб „Скала“ во трката за победа на оваа карпа победуваат Словенците. Приказната во филмот е многу поголема и се однесува на раѓањето и на почетоците на словенечката интелектуална и спортска елита.

„Виорник од работ“ на режисерот Игор Вртачник

Фестивалот „Ехо“ е посветен на ширење на планинската култура преку филмови, изложби, издавање книги, панел-дискусии, детски и филмски работилници, предавања на многу различни теми. Фестивалот тематски опфаќа планински спортови, еколошки филмови и документарни филмови кои ја отсликуваат врската помеѓу човекот и природата.

Детските работилници ќе се одржат во „ЕУ Хаус Скопје“, освен една, која ќе биде демонстрација на поставување фотозамки за диви животни од страна на Македонското еколошко друштво, а која ќе се одржи во дворот на Кинотеката. Работилницата „Планински креативен документарен филм“, исто така, ќе се одржи во Кинотеката.

За наградите на фестивалот ќе одлучуваат повеќе жирија. Во составот на главното жири се Трифун Ситниковски, Златко Ѓелески и Маја Мухиќ. Еколошкото жири е составено од членови на Македонското еколошко друштво. Жирито за најдобар алпинистички и качувачки филм е составено со членови на Македонската алпинистичка федерација, а има жири и за најдобар ски/сноуборд филм. На конкурсот за најдобра фотографија за наградата ќе одлучува жири за најдобра планинска фотографија составено од членови на фестивалот „Зрно“.

Секоја вечер, освен на отворањето и затворањето на фестивалот, ќе има некоја презентација или панел-дискусија. На 19 октомври ќе се зборува за активностите на Национален парк „Шар Планина“, додека Сара Крстевска и Лазар Николов ќе дискутираат на темата „Пожари: што пред и после нив?“. На 20 октомври ќе се одржи средба со фотографот и снимател Улис Лефевре, основач и главен уредник на „Алпинмаг“. Марко Рибети од Италија на 21 октомври ќе одржи презентација на тема „Националниот планински музеј во Торино и неговата архива на историски филмови“. На 21 октомври ќе биде отворена и изложбата „К2 – 1954“. На 22 октомври ќе се одржи Еколошки панел со наслов „Мечка страв, мене не страв!“, додека на 23 октомври „Зоната на смртта“ ќе биде претставена од филмската перспектива на Освалд Переира. Предавањето на тема „Како спортот и природата ќе ги спасат младите од пороците на модерното живеење“ на Јане Стефанов ќе се одржи на 24 октомври.

Затворањето на фестивалот и прогласувањето на победниците ќе се одржи на 25 октомври во Кинотеката, а последен филм на програмата ќе биде „Мармолада. Мајката на карпите“ (Италија, 2024, 76 мин.) на Матео Маги и Кристијана Пеки. Влезот на сите фестивалски програми е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот